• понеделник, 23 декември 2024

Ангеловска-Бежоска: НБ останува посветена на обезбедувањето среднорочна ценовна стабилност

Ангеловска-Бежоска: НБ останува посветена на обезбедувањето среднорочна ценовна стабилност

Скопје, 13 април 2023 (МИА) - Народната банка (НБ) останува посветена на исполнувањето на својата основна цел, односно обезбедувањето среднорочна ценовна стабилност. За таа намена, централната банка будно ја следи ситуацијата и ги презема сите потребни мерки за враќање на стапките на инфлација на 2 отсто,  на среден рок порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) во Вашингтон.

Одржувањето на финансиската стабилност, исто така, е во прилог на остварување на оваа цел, рече Ангеловска-Бежоска во интервју за „Гласот на Америка“ (ВОА).   

Во услови на најновите случувања во финансискиот систем и препораките на ММФ дека и покрај нивното влијание врз финансиските пазари, централните банки треба да продолжат со затегнување на монетарната политика, гувернерката посочи дека нашата централна банка постојано будно ги следи макроекономските показатели и доколку треба, презема соодветни мерки. 

-Народната банка се уште е во циклус на затегнување на монетарната политика, коешто започна уште од крајот на 2021 година, преку управување со ликвидноста на девизниот пазар, а од април 2022 година наваму, и преку зголемување на каматните стапки. Ваквата монетарна поставеност беше поддржана и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, коишто се насочени кон зголемување на штедењето во денари. Истовремено, за да им се овозможи на домашните банки соодветно да управуваат со кредитниот ризик, Народната банка презема и системски мерки, како воведување на противцикличниот заштитен слој на капиталот, посочи Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката се осврна и на Светскиот економски преглед, кој го објави ММФ на почетокот на Средбите. Согласно основното сценарио во рамки на априлските проекции на ММФ, се очекува растот на глобалната економија во 2023 година да забави во однос на претходната година, особено кај развиените економии, додека следната година умерено би забрзал, така што на среден рок  би се задржал на околу 3 отсто, што е најниската среднорочна оценка во изминатите неколку децении.

-Ризиците за глобалниот економски раст главно се надолни и се поврзуваат со превирањата во финансискиот сектор, влошувањето на условите за финансирање, намалувањето на довербата на потрошувачите и инвеститорите и со развојот на воената ситуација во Украина. Како позитивни аспекти, пак, се наведуваат потрошувачката на домаќинствата и ниските стапки на невработеност на пазари на труд, коишто можат да имаат позитивно влијание, како и поголемата отпорност на глобалната економија. Како мала и отворена, нашата економија ќе биде под влијанија на случувањата на глобалната, особено на економијата на ЕУ, која е нашиот најголем трговски партнер, рече гувернерката и нагласи дека во Народната банка се завршуваат пролетните проекции, коишто ќе бидат презентирани во текот на следниот месец.вј/мд/

 

Фото: Народна банка

Остани поврзан