• вторник, 16 април 2024

Анализа: Една година од војната во Украина - потребно е да му се даде поголема шанса на мирот

Анализа: Една година од војната во Украина - потребно е да му се даде поголема шанса на мирот

Скопје, 24 февруари 2023 (МИА) – Конфликтот во Украина една година по руската агресија не се движи кон разрешница, туку кон дополнителна ескалација. Заканите од нуклеарна експанзија се сметаат за малку веројатни. Потребно е да му се даде поголема шанса на мирот, со оглед на тоа што конфликтот веќе го измести комодитетот на либерално демократскиот свет и има сериозен потенцијал да создаде внатрешен рифт на леви и десни, кои се поларизираат и спротивставуваат во однос на решенијата.

Ова е генералната оценка во анализата за МИА за состојбата една година по руската агресија врз Украина со Методи Хаџи – Јанев вонреден професор на Воената акдемија „Генерал Михајло Апостолски“ и Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија Социетас Цивилис.

Во однос на актуелната состојба Хаџи – Јанев вели дека засега ситуацијата е заглавена на борбеното поле без изглед за мирно решавање на конфликтот. Двете страни премногу високо ги кренале влоговите во крајните цели што само по себе довело во ќорсокак. Во секој случај, анализира тој, станува збор за конфликт од сериозни армии во кој две масовни вооружени сили се во клинч за секоја педа, но кој предизвика и сериозни глобални реперскуии и поларизираност во светот.

-Она што е најстрашно е што гине невино цивилно население и има огромна материјална штета. Сето тоа заради меѓусебната поврзаност и зависност во услови на глобализација има сериозни реперкусии на повеќе аспекти во светот. Од поларизирање „за“ и „против“ Украина, преку поларизација околу одредени други прашања на пример за тоа каков мир треба да се донесе, па се до поларизација во однос на мерките кои треба да се преземат. Тоа го дели светот, но и коалициите. Ваквата поставеност на нештата е опасност сама по себе за регионалните спорови кои се на ранг на замрзнати конфликти или пак спорови кои се во некоја фаза на мировен проект. Конфликтот дефинитивно го измести комодитетот на либерално демократскиот свет и уште пострашно има сериозен потенцијал да создаде внатрешен рифт на леви и десни, кои се поларизираат и спротивставуваат во однос на решенијата визави Украина, оценува Хаџи - Јанев.

Трошановски се согласува дека конфликтот е во стагнација, линиите на поделба помеѓу т.н. руски региони и останатиот дел од Украина не бележат поместување и при тоа и двете страни се значително исцрпени што од воени ресурси, што во човечки ресурси, што во воена опрема.

-Мислам дека делумно зимското намалување на воени дејствија се искористи особено од страна на Русија да се обноват овие ресурси поради што можеме да очекуваме дополнителна ескалација во периодот што следи со оглед на тоа дека и условите за воени акции стануваат поповолни, условно кажано, вели Трошановски.

Коментирајќи ги изјавите на Бајден за време на ненајавената посета на Киев неделава и говорот на Путин во обраќањето до нацијата, двајцата аналитичари сметаат дека тие не одат во корист на мирното решавање на конфликтот.

За Хаџи – Јанев овие говори не се ништо друго туку ехо на суштината на конфликтот во Украина, а тоа е судир на две спротивставени страни - либерално-демократскиот свет и ревизионистите кои се предизвикувачи на таа доминација.

 -Фактот дека постоел план за мирно решавање на конфликтот уште во март минатата година и фактот дека условите кои тогаш биле поставени не биле прифатливи за Украина и за дел од западно-либералниот свет говори дека крајната цел на едните и другите е дијаметрално спротивна. Додека не се променат тие позиции тешко дека ќе видиме мирна разрешница, иако ништо не е исклучено. Велам веројатноста за тоа според мене е многу мала, истакнува универзитетскиот професор.

Трошановски, пак, истакнува дека далеку е компромисот помеѓу двете страни судејќи според говорот на Путин и изјавите на Бајден, како и говорите за време на Минхенската конференција. Конфликтот, вели тој, за жал, оди повеќе кон ескалација отколку кон помирување, бидејќи очигледна е конфронтирачката реторика и за сега не постои, барем ако може да се суди по изјавите, некаква волја или основа за примирје. Така што, додава тој, можеме да очекуваме дека воените дејствија и во текот на оваа година ќе бидат присутни на геополитичката сцена.

Одлуката на Русија привремено да го суспендира Договорот за нуклеарно разоружување Нов СТАРТ, за професорот на Воената академија е дипломатски потег, кој ако се стави во контекст на мирното решение на конфликтот се добива плус во оддалечување на позициите. Правното образложение на Русија е на линија на концептот Rebus sic stantibus во меѓународното право, според кој ако дојде до битна промена на околностите во кои е склучен договорот, страната го задржува правото да се повлече од договореното и да го смета договорот за неважечки.

-Преамбулата за Русија е таа според која околностите се променети. Од друга страна тоа може да биде индикатор, за следни и идни потези во целата „игранка“. Имено, задвижувањето на договорот СТАРТ се смета за чедо на Бајден. Тоа е негов гордост и белег со кој тој сака да му каже на американското гласачко тело дека демократите имаат решение за една од најголемите грижи на Американците, тоа е арсеналот на нуклеарно оружје, особено контрола или врамено поседување на тоа оружје. Ако знаеме дека клинчот кој Путин го има со демократите е основата на поривот, од една страна и ако знаеме дека со Трамп на Путин добро му одеше од друга страна, со ова Путин како да сака да ги неутрализира основните побарувања, кои треба да го хранат полето на демократите во нивната аргументација пред гласачкото тело, вели Хаџи Јанев кој меѓу другото посетата на Бајден на Киев ја става во контекст и на претседателските избори во САД.

Тој при тоа укажува и на една теорија, според која, ако дојде до смена во претседателската палата во Белата куќа, можно е да прекине поддршката за Украина.

Трошановски за одлуката на Русија привремено да го суспендира Договорот за нуклеарно разоружување Нов СТАРТ смета дека далеку од нуклеарна ескалација, но секако дека ризикот од истата се зголемува.

- Во ситуација на војна прва умира вистина и по многу од изјавите тешко може да просудиме кои се вистинските затскриени намери на завојуваните страни, а што е дел само од воена пропаганда и заплашување, но кога две најголеми нуклеарни сили на светот се откажуваат од договорите за намалување и контрола на нуклеарното оружје и јавно изјавуваат дека се стратешка закана еден на друг и дека треба целосен пораз да се случи, во таа ситуација мислам дека овие изјави треба да се сметаат апсолутно сериозно. Русија не може да си дозволи да ја изгуби оваа војна. И, Западот исто така, не може да дозволи Русија да победи во оваа војна, што е ситација која барем за сега, секако не води кон примирје и сите вакви закани треба да ги третираме сериозно, подвлекува Трошановски.

Хаџи Јанев не очекува дека каква било мировна иницијатива на Кина која беше најавена на Минхенската безбедносна конференција, би била прифатена бидејќи позициите на кои стојат Украина и Русија се мошне различни.

Според Хаџи Јанев, дури и да има предлог кој условно би се прифатил на глобално рамниште Зеленски го има сето право да каже дека нема да го прифати тоа и дека правото на самоодбрана е неприкосновено. Сите договори дури и 4-та Женевска конвенција која ја регулира окупацијата, препознава дека силите на отпорот имаат право да се борат против агресорот и тука е проблемот.

За Трошановски реални се проценките за опасност од прелевање на конфликтот во Украина и при тоа посочува на одлуката на Путин за укинување на декретот за признавање на суверенитот на Молдавија. Имајќи ги предвид политичките превирања во Молдавија и во Трансднистрија – прорускиот регион, дополнително следејќи го текот на војната и како се менува воената стратегија на Русија, вели, голема е веројатноста, целта на Русија, барем во оваа нова пролетна офанзива, да биде покрај консолидирање на постоечките освоени територии, да создадат некој нов фронт или нов конфликт чија цел би била отсечување на Украина од црноморскиот регион.

Во прилог на тоа, вели тој, одат и проценките, дека Русија, поради извозот на енергенси и енергетски ресури, има барем уште две години да ја финансира оваа војна, додека поддршката на Украина од страна на Европа и Америка, не може, секако, да го следи темпото од изминатата година, што во муниција, што во останата воена опрема. -Веќе во Америка почнува отпор кај Конгресот во смисла на економската и воената помош која што и се дава на Украина, така што овие околности дополнително ја мотивираат Русија да не се повлече и да продолжи со претензии на освојување на нови територии, смета Трошановски.

Безбедносните закани тука на Балканот, пак, тој смета дека се значително помали од каква било ескалација, дури и таа да се случи тоа би биле сосема микро ситуации кои што, верува, ќе бидат многу итно менаџирани од страна на НАТО, со оглед на тоа што целиот регион е опкружен со НАТО членки.

Една година од руската агресија врз Украина резултираше со речиси 8 милиони бегалци од Украина и речиси исто толку внатрешно раселени во земјата, бројот на воени жртви на двете завојувани страни се проценува на над 100.000 убиени или повредени војници, а најмалку 7,000 украински цивили се убиени. Воедно, над 345 милиони луѓе во светот се соочуваат со глад бидејќи поради конфликтот секна извозот од Русија и Украина, кои пред војната беа водечки земјоделски производители и извозници.

Виолета Геров

Фото: ЕПА и приватна архива

Остани поврзан