• понеделник, 23 декември 2024

Анализа: Граѓаните сакаат е-услуги кои ќе ги заштитат од корупција

Анализа: Граѓаните сакаат е-услуги кои ќе ги заштитат од корупција

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) – Анализата на општинските е-услугите спроведена од страна на фондацијата Метаморфозис покажува дека се зголемуваат очекувањата и барањата од единиците на локалната самоуправа и дека граѓаните во суштина бараат електронски услуги кои ќе овозможат полесно извршување на услугите, а ќе ја намали нивната изложеност на корупција.

На денешната презентација на Анализата беше истакнато дека недостасува стратешки пристат кон дигитализација на локалните услуги.

-Услугите се модернизираат и со тоа се олеснува живеењето на граѓаните, но она што го заклучуваме е дека на национално ниво, колку толку се спроведува дигиталната агенда, но на локално ниво се потребни поголеми напори, нас ни е важна оваа дигитална трансформација затоа што истражувањата и практиката покажуваат дека преку ваквата трансформација се намалува сивата економија и корупцијата, а последователно на тоа се зголемува транспарентноста на институциите, истакна програмскиот директор во Метаморфозис Данче Даниловска Бајдевска.

Таа посочи дека за големата потребата од унапредување на дигиталзиацијата и на центртално и на локално ниво, е примерот со издавањето на личните документи.

-Проблемот со издвањето на личните документи е само пример кој го потврдува нашето постојано укажување кон институците дека треба стратешки, правен и административен развој во спроведување на дигиталната агенда, значи дигитализацијата ни е неопходна, подвлекува Даниловска Бајдевска.

Според неа во анализите загрижувачки било тоа што иако е забележано мало подобрување во е-услугите, граѓаните сепак не се задоволни од тоа што им се нуди од општините.

Таа информира дека при изработка на аналзата општинските услуги биле анализирани од аспект на три категории и тоа транспарентност и отчетност, комуникација и одбренија, дозволи и други услуги.

Иако општините како институции постојат во служба на граѓаните еден од заклучоците на истражувањето е дека многу мал дел од општините го слушаат гласот на граѓаните при изборот на идна понуда на нови општински е-услуги. Крива Паланка, Василево, Дебарца, Неготино и Битола се петте најдобро рангирани општини во Северна Македонија. Последни 10 најниско рангирани општини според вредноста на LEGSI-индексот се: Чаир (0.4242), Боговиње (0.4206), Босилово (0.4202), Лозово (0.4167), Сопиште и Врапчиште (0.3492), Кривогаштани (0.3329), Арачиново (0.2615), Долнени (0.1702) и Демир Хисар (0.0317). Општините во Северна Македонија интензивно користат социјални мрежи, и тоа најмногу Facebook, покажа анализата, но само 44 отсто од општините нудат можност за поставување на прашања до градоначалникот. 

Професорот од Економскиот институт Зоран Јаневски кој е автор на анализата рече дека не е веќе предмет на дискусија начиот на кој ќе се подигне нивото на софистицираност при испорака на услугите на центално или локално ниво, туку како да се постигне целосна и успешна дигитализација.

-Мора да признаеме дека ние сме се уште далеку од темите и проблемите на кои работи развиениот свет, ние се уште сме на нивото од пред 20 години, треба да работиме на подигнување на онлајн нивото на услугите, затоа што многу малку услуги имаме и на центално, а особено на локално ниво, оцени професорот.

Анализата покажува дека најмалку застапени е-услуги се Барања по електронски пат на Б-интегрирана еколошка дозвола, како најмалку застапена, односно неа не ја нудат дури 77,80 проценти од сите општини, додека следуваат Формулари за пријавување на данокот на имот која не е застапена кај 53,1 процент и Можност за поставување прашања до градоначалникот која не се нуди кај 44,4 отсто. 

Од истражувањето произлегуваат неколку препораки, на локално ниво Јаневски вели дека е потребно прибирање на мислењето и на предлозите на граѓаните за развој на нови општински е-услуги и развој на унифицирани идни е - услуги наменети за сите општини.

Додека на централно ниво од анализата произлегува дека е потребно изготвување на стратегија и акциски план за општински е - услуги и интензивни обуки на општинската администрација за стекнување дигитални вештини. свс/аа/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан