• четврток, 15 јануари 2026

Градоначалникот Касами на Самитот Б40 во Софија: Посветеност на економскиот и културниот развој на регионот

Градоначалникот Касами на Самитот Б40 во Софија: Посветеност на економскиот и културниот развој на регионот

Тетово, 24 февруари 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, учествувал на Самит на Градоначалниците Б40, одржан во Софија, каде што ја споделил својата визија за локалниот, економски и културен развој, информираа денеска од Канцеларија за комуникации и односи со јавноста при Општина Тетово.

Во обраќање, Касами ја истакнал важноста на локалната економска и културна соработка како одржлива алтернатива за долгорочен развој на регионот.

-Локалната економска и културна соработка е концепт кој вклучува ангажирање на локалните заедници, бизниси, институции и организации во заеднички развој на активности кои придонесуваат за зајакнување на економските, туристичките и културните врски меѓу различните групи во еден регион или град, истакнал Касами за време на своето обраќање.

Тој ги нагласил и позитивните промени кои се случуваат во Тетово, особено во областа на економијата и туризмот, каде што инвестициите во гастро-туризмот, културата и локалната трговија носат значителни трансформации. Во соопштението, се пренесува дека Касами го потенцирал клучното значење на културните врски во зајакнувањето на соработката меѓу земјите во регионот и ја изразил подготвеноста на општината за организирање на фестивали со мултикултурен и мултинационален карактер.

Исто така, Касами ги споменал подобрувањата во инфраструктурата, како што се изградбата на патишта, сместувачки капацитети и пешачки патеки, кои позитивно влијаат на зголемувањето на бројот на туристи кои го посетуваат Тетово за да ја доживеат природата и локалните традиции.

Во однос на регионалната трговија, Касами ја истакнал важноста на олеснувањето на трговските и административните процедури, Општина Тетово ќе ги стави на располагање сите свои административни капацитети за поддршка на локалните бизниси и за зајакнување на трговската и туристичката размена.

-Тетово е подготвено да ги стави на располагање сите административни капацитети за да ги охрабри локалните бизниси да ја зајакнат трговската и туристичката размена. Во таа насока, бизнисите, локалните власти и невладините организации можат да соработуваат за развој на проекти кои поддржуваат одржлив економски раст и зачувување на културните вредности. Со инвестициите во инфраструктура кои ја олеснуваат економската и културна размена, како што се создавањето на културни центри, простори за трговија и туристички активности, како и подобрувањето на транспортот и комуникацијата, Тетово создаде доволно простор за сите засегнати страни, изјавил Касами, се вели во соопштението.

Касами упатил апел за интензивирање на регионалните промотивни кампањи и ефективно користење на маркетингот за привлекување на повеќе туристи и за промовирање на природните и културните богатства на нашите градови. ас/цр

Фото: Општина Тетово 

Остани поврзан