• четврток, 16 мај 2024

Американски авиони шести пат по ред ги гаѓаа Хутите во Јемен

Американски авиони шести пат по ред ги гаѓаа Хутите во Јемен

Вашингтон, 20 јануари 2024 (МИА) - Американски воени авиони ги гаѓаа позициите на бунтовниците Хути во Јемен и уништија противбродски ракетни фрлачи што беа подготвени за лансирање ракети, изјави американски официјален претставник.

Официјалниот претставник кажадека нападите, шести по ред, биле извршени вчера со авиони Ф/А-18 кои полетале од американскиот носач на авиони „Двајт Ајзенхауер“.

Сателитскиот информативен канал „Ал Масира“ со кој управуваат Хутите вчера објави дека биле извршени воздушни напади врз пристанишниот град Ходеида, а на мета била населбата Ал Џабана во западниот дел на градот.

Се уште не е соопштено кои биле целите на овие последни американски напади.

Американскиот претседател Џо Бајден, пред два дена, призна дека нападите врз позициите на Хутите, во кои се вклучени американските и британските воздушни сили, сè уште не ги спречиле Хутите и натаму да напаѓаат трговски бродови во Црвеното Море, клучен воден пат за светската трговија.

Хутите тврдат дека цел на нивните напади врз американски и израелски бродови е да се запре израелската војна против Хамас во Појасот Газа. сд/

 

Остани поврзан