• четврток, 26 март 2026

Шкотските пратеници денеска гласаат за законот за асистирано умирање

Шкотските пратеници денеска гласаат за законот за асистирано умирање

Единбург, 17 март 2026 (МИА) – Пратениците во шкотскиот парламент денеска ќе гласаат за историскиот закон со кој би можело да се легализира асистираното умирање за возрасни лица во терминална фаза на болест.

Гласањето е закажано за околу 22 часот, по маратонски расправи во кои беа разгледани стотици амандмани.

Законот би им овозможил на лицата постари од 18 години, кои се ментално способни за донесување одлуки, да побараат медицинска помош за прекинување на животот. Пациентот мора да има дијагноза на терминална болест со проценет преостанат живот од шест месеци или помалку. Ова мора да биде потврдено од двајца независни лекари.

Лијам МекАртур, предлагачот на законот, нагласи дека се усвоени 175 амандмани само во последната недела, со цел да се спречи каква било присила врз пациентите и да се заштитат здравствените работници кои би одбиле да учествуваат поради морални или верски убедувања.

Апликантите мора да бидат жители на Шкотска најмалку 12 месеци и да се регистрирани кај шкотски матичен лекар.

Иако анкетите покажуваат дека околу 81 процент од граѓаните на Шкотска ја поддржуваат оваа иницијатива, кај одредени групи сè уште има силен отпор. Некои верски лидери и организации за лица со инвалидитет предупредуваат дека законот е „опасен“ и дека може да создаде суптилен притисок врз ранливите категории граѓани да го завршат својот живот за да не бидат „товар“ на своите семејства или на здравствениот систем.

Некои професионални здруженија, како фармацевтски и медицински комори, изразија загриженост поради отстранувањето на одредени клаузули за „приговор на совеста“ во последната верзија на нацрт-законот.

Доколку законот биде изгласан вечерва, Шкотска ќе стане првиот дел од Обединетото Кралство што ќе воведе ваква практика, додека слични дебати во моментов се водат и во Англија и Велс. јт/сд/

Фото: Парламент на Шкотска

Остани поврзан