• недела, 17 ноември 2024

„Ал Араби“: Нереално е отстранувањето на Хамас од повоените планови за Појасот Газа

„Ал Араби“: Нереално е отстранувањето на Хамас од повоените планови за Појасот Газа

Каиро, 28 декември 2023 (МИА) - Отстранувањето на палестинската милитантна група Хамас од Појасот Газа не е реално и оваа група треба да биде вклучена во „повоената Газа“, пишува денеска катарскиот весник „Ал Араби“, повикувајќи се на извори од египетските власти.

„Било каков разговор за целосното отстранување на Хамас и палестинскиот Исламски џихад од повоената политичка сцена во Газа не е реален и затоа подобро би било да се стремиме кон консензус за политичката структура на Појасот“, наведе египетскиот извор за весникот.

Според „Тајмс оф Израел“, изворот на информацијата, запознаен со преговарачкиот процес преку кој Каиро посредувал во формулирањето на повоената визија за Газа, тврди дека американската администрација инсистира на сценарио што не го вклучува Хамас и да се најде решение за идната администрација на Газа пред крајот на војната, на начин што ќе ја обезбеди безбедноста на Израел и ќе спречи повторување на нападите од 7 октомври.

Каиро, наводно, се обидува да подготви предлог што не го исклучува Хамас, туку го вклучува како партнер, но не и како главен актер, притоа воведувајќи механизам за следење на неговите активности.

„Тајмс оф Израел“ пишува дека египетската Влада му претставила на раководството на Хамас трифазен план за ставање крај на војната и постепено пренесување на контролата врз Појасот Газа на техничката палестинска Влада, но Хамас ја одбил понудата. сд/

Остани поврзан