Алонсо го потврди заминувањето од Баер
- Тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо, потврди попладнево дека ќе го напушти клубот на крајот од оваа сезона, што дополнително оди во прилог на најавите дека на лето ќе седне на клупата на Реал Мадрид.

Леверкузен, 9 мај 2025 (МИА) – Тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо, потврди попладнево дека ќе го напушти клубот на крајот од оваа сезона, што дополнително оди во прилог на најавите дека на лето ќе седне на клупата на Реал Мадрид.
„Ова е вистинското време да ја објавам мојата одлука. Беше неверојатна сезона и посебна приказна за мене, но чувствувам дека е време да го направам следниот чекор во мојата кариера“, рече Алонсо на денешната прес-конференција.
Според германскиот фудбалски магазин „Кикер“, 43-годишниот шпански стратег утрово ги информирал играчите на Баер за својата одлука, иако неговиот договор со клубот истекува во 2026 година.
Претходно денеска шпанскиот весник „Марка“ објави дека Алонсо по завршување на актуелната сезона ќе го напушти Баер и ќе го замени Карло Анчелоти на клупата на Реал.
Поранешниот шпански репрезентативец Алонсо играше за Реал Мадрид од 2009 до 2014 година и освои бројни трофеи со Кралскиот клуб, вклучувајќи ја и Лигата на шампиони во 2014 година. ег
ФОТО: ЕПА