• среда, 01 мај 2024

„Алкалоид“ донира течен „омепразол“ на Детската клиника и на Клиниката „Козле“

„Алкалоид“ донира течен „омепразол“ на Детската клиника и на Клиниката „Козле“

Скопје, 16 април 2024 (МИА) - „Алкалоид“ АД Скопје донира дел од своите производни количини  на иновативнaта формулација „омепразол“ во течна форма, во вкупна вредност од 12.520.800 денари, на ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести и на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата - Козле, со цел олеснување на пристапот до соодветен третман во овој дел кај детската популација.

Со донацијата, како што беше соопштено на денешната прес-конференција во Деканатот на Медицинскиот факултет при УКИМ Скопје, со соодветна терапија ќе бидат покриени околу 200 деца во времетраење од една година.

Препаратот „омепразол“ во течна форма - готов за употреба е наменет пред сѐ за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ) кај мали деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасни пациенти кои имаат тешкотии со голтањето - пациенти со дисфагија и неможност за голтање - пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и - или геријатриски пациенти. Иновативноста на овој нов производ се базира на два посебни раствора содржани во двокоморското пакување, појаснија стручни лица, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен „омперазол“ за употреба. Производот, беше истакнато, има пријатен вкус на лимон и ментол и не содржи шеќер, сорбитол и бои.

Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов пред присутните рече дека со оваа донација наменета за децата, како компанија даваат придонес кон олеснување на процесот на лекување и на подобрување на квалитетот на животот на пациентите. 

Поаѓајќи од нашиот врвен приоритет - луѓето и здравјето пред сѐ, на што се темели компаниската мисија за поздрав живот на секој поединец, „Алкалоид“ со децении помага онаму, каде е најпотребно. Грижата за заедницата во која делуваме, особено онаа насочена кон најмладите, останува наш приоритетен сегмент во компаниското портфолио за општествена одговорност, нагласи Мукаетов.

Доцент доктор Валентина Цвејоска Чолаковска, медицинскиот директор на Детската клиника се заблагодари на менаџментот на Алкалоид, за долгогодишната соработка со педијатрите, посветеноста и следењето на светските трендови. - Со ова, нам лекарите, ни ја отвораат можноста да ги лекуваме пациентите со најсовремена терапија, по глобалните водичи за голем број болести. И овој пат, повторно, со лек во форма прилагодена за детската возраст. Уште еднаш изразувам благодарност, со уверување дека оваа соработка ќе се продлабочува и ќе се унапредува на задоволство на сите, особено на здравјето на децата, подвлече Цвејоска Чолаковска.

Доктор специјалист Весна Џамбазовска од Клиниката за респираторни заболувања кај децата - „Козле“ укажа дека овој препарат им бил многу потребен на доенчињата и помалите деца. бд/лв/

фото: МИА 

 

Остани поврзан