• сабота, 27 јули 2024

Албанската опозиција ќе бара техничка влада пред изборите догодина

Албанската опозиција ќе бара техничка влада пред изборите догодина

Тирана, 17 февруари 2024 (МИА) - Поранешниот шеф на албанската дипломатија и актуелен лидер на Либерално-демократскиот сојуз, Аријан Старова, најави дека обединетата опозиција ќе достави барање следните избори во земјата, кои ќе се одржат во април идната година, да бидат спроведени од техничка влада.

-На идните избори земјата треба да оди со техничка влада. Само така ќе може да се гарантираат слободни и демократски избори. Одлуката ќе ја донесеме на народно собрание на сите опозициски сили, каде ќе има и други предлози, зашто колку повеќе идеи и предлози толку подобро за Албанија и народот, изјавил Старова, чија партија е една од 11.партии кои вчера потпишаа документ за коалиција.

Додал дека надежите и движењата, кои ќе почнат од големиот антивладин протест на опозицијата на 20 февруари, ќе станат поголеми.

Ваков предлог, кој не доби поддршка, во 2020 година имаше лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, кој тогаш рече дека спроведувањето на парламентарните избори во април 2021 година е тешко да се реализира, бидејќи „Еди Рама покажа дека не е во состојба да гарантира слободни и фер избори“, поради што потребно е „формирање техничка влада, по примерот на Северна Македонија“. вт/рп/

Фото: ФБ на Старова

Остани поврзан