• сабота, 27 јули 2024

Активности за почеток на организиран скрининг за колоректален карцином, се прават проценки за имплементација на скрининг на простата

Активности за почеток на организиран скрининг за колоректален карцином, се прават проценки за имплементација на скрининг на простата

Кавадарци, 29 ноември 2023 (МИА) - Се одвиваат активности за почеток на организиран скрининг за колоректален карцином, а се прават проценки и напори и за имплементација на скрининг на простата, изјави заменик министерката за здравство, Маја Манолева на синоќешната едукативна трибина во Кавадарци, на тема „Не чекај, превенирај! Заедничка борба за женско и машко здравје”.

Заменик министерката рече дека, кога здравјето е во прашање, партиските и политичките разлики не смеат да го попречуваат патот, туку треба да биде универзално основно право за сите граѓани. 

- Со цел да се спречи ракот на дојка кај жените и да се обезбедат навремени и соодветни прегледи, разработени се посебни протоколи. Тие согласно клиничката слика на жената, вклучуваат контролни прегледи пред и по операција, како и онколошки третмани, како и протоколи за жените кои се без симптоми и не се во возрасна група во скрининг програмата, а сакаат да направат преглед на дојка. На тој начин, со системско опфаќање на жени во рамки на скрининг програмата, ќе се ослободат нови термини за ЕХО и мамографија, за жени со симптоми и промени на дојката, рече таа. 

Додаде дека во националната скрининг програма се опфатени жените на возраст од 45 до 69 години кои не направиле мамографија последните две години, како и жените на возраст од 40 до 44 години кои имаат член во семејството со рак на дојка и или друг дополнителен ризик фактор. 

- Скрининг мамографијата е бесплатна за жените во програмата, бидејќи партиципацијата ја покрива Министерството за здравство. Исто така, токму во насока на унапредување на женското здравје, функционира и организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка, каде пријавувањето е преку веб платформата skrining.mk, подвлече заменик министерката. 

Манолева додаде дека со организиран скрининг, оваа година се опфатени и жените на возраст од 21 до 59 години кои во последните три години немаат направено ПАП тест. Таа посочи дека прегледот во рамки на скринингот за оваа возрасна група е бесплатен, а можноста за превентивен преглед за рана детекција на рак на грло на матка досега ја искористиле 40 илјади жени.

На трибината организирана од СДСМ, говореа и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на Клиниката за урологија Сашо Дохчев, професорот на Медицинскиот факултет Марјан Стојовски, директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар Александар Трајановски и директорот на Општата болница Кавадарци, Диме Коцев. свд/бак/


Фото : МИА 

Остани поврзан