Ако почвените услови дозволуваат, земјоделците да почнат или да продолжат со кроење на лозата и овошките, велат агрометеоролозите
- Во локалитети и кај сорти каде постојат услови за измрзнување поради ниски зимски температури и ризик од доцни пролетни мразеви, се препорачува резидбата да се изврши на крајот на февруари и почетокот на март.

Скопје, 18 февруари 2025 (МИА) - Стабилното време минатата недела со ниски утрински и дневни повисоки температури во границите на просекот ја одржуваат состојбата на мирување кај земјоделските култури која е неопходна за овој период од годината, велат агрометеоролозите од УХМР.
Тие препорачуваат, ако почвените услови дозволуваат земјоделците да почнат или да продолжат со кроење на виновата лоза и овошките, со подготовка на површините во пластеничкото производство и со евентуално со прихранување на есенските посеви.
-Во локалитети и кај сорти каде постојат услови за измрзнување поради ниски зимски температури и ризик од доцни пролетни мразеви, се препорачува резидбата да се изврши на крајот на февруари и почетокот на март, нагласуваат агрометеоролозите.
Според УХМР, времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе има локална појава на слаб снег. Ќе дува слаб до умерен, а кон крајот на денот и во текот на ноќта наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде од -1 до 7 степени.
Од среда облачноста ќе се намали и ќе преовладува стабилно и студено време со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни, а наместа ќе се спуштат и под -10 степени. Во среда ќе дува засилен северен ветер. мч/са/
Фото: МИА архива