• четврток, 18 април 2024

АД ЕСМ дел од самитот за инвестиции за Западен Балкан организиран од ЕБОР

АД ЕСМ дел од самитот за инвестиции за Западен Балкан организиран од ЕБОР

Скопје, 27 февруари 2024 (МИА) - Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов и директорот за развој и инвестиции во АД ЕСМ, Виктор Андонов се дел од Самитот за инвестиции за Западен Балкан кој годинава се одржува во Лондон и е во организација на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) на кој се присутни и лидерите на земјите од Западен Балкан, информираат од компанијата. 

Целта на Самитот, како што посочуваат, е да се истакнат потенцијалните можности за инвестирање и бизнис во регионот и да се промовираат регионални и прекугранични проекти меѓу Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.

Од ЕБОР, како што велат, се децидни дека Западниот Балкан е приоритетен регион за нив. Денес, ЕБОР останува еден од најголемите институционални инвеститори во земјите од регионот, со повеќе од 18 милијарди евра инвестирани до денес.

-Еден од најзначајните проекти на ЕБОР во компании од државна сопственост е Фотонапонската електрана изградена во кругот на РЕК „Осломеј“ што претставува прв пример на енергетска транзиција во Југоисточна Европа каде што електричната енергија ќе се произведува од сонце преку панели поставени на просторот врз стариот и исцрпен рудник за јаглен. Со годишно производство од 15-17 гигават-часа електрична енергија, оваа фотонапонска електрана не само што ќе помага значително да ги намалиме емисиите на CO2 за 13.000 тони годишно, туку и ќе ни обезбедува струја за околу 2.800 домаќинства. Истовремено, таму го заменуваме необработливото земјиште со рекултивација и облагородување на 19 хектари површина, истакнуваат од АД ЕСМ.

Нагласуваат дека продолжуваат да се движат кон зеленото сценарио и дека ќе се стремат во остварувањето на планот –државава во блиска иднина да биде енергетски независна земја која произведува електрична и топлинска енергија од обновливи извори на енергија. 

-Затоа, соработката со ЕБОР е клучна за АД ЕСМ и значително придонесува кон побрза и полесна транзиција кон Зелената агенда за Западен Балкан, со заложба за намалување на емисиите на стакленички гасови за 61 процент, порачуваат од АД ЕСМ. вј/нд/

Фото: АД ЕСМ

 

Остани поврзан