• петок, 27 декември 2024

Администрацијата на Бајден загрижена поради обидот на Хезболах за напад на Тел Авив

Администрацијата на Бајден загрижена поради обидот на Хезболах за напад на Тел Авив

Вашингтон, 25 септември 2024 (МИА) - Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, го оквалификува обидот на Хезболах да лансира балистичка ракета кон Тел Авив како „длабоко загрижувачки“.

Израел соопшти дека ја пресретнал ракетата од Хезболах – што би претставувало невиден напад од страна на оваа милитантна група, кој достигнал длабоко во комерцијалните центри на Израел и означи нов чекор во ескалацијата на конфликтот.

Хезболах денеска потврди дека со ракета е гаѓано седиштето на Мосад, крај Тел Авив.

„Тоа е секако длабоко загрижувачки, очигледно за Израелците, но и за нас, бидејќи, како што рече државниот секретар (Ентони) Блинкен, навистина работиме од почетокот на овој конфликт за да спречиме негово ескалирање и продлабочување, особено на границата меѓу Израел и Хезболах,“ рече Кирби во изјава за Си-Ен-Ен.

Кирби, исто така, реагираше на медиумските извештаи дека администрацијата на претседателот Џо Бајден практично ја прекинала иницијативата за прекин на огнот во Газа. Тој нагласи дека Израелците „сè уште разговараат со нас за напредок на процесот.“

„Предлогот на маса е израелски. Тоа е предлогот на премиерот и неговиот тим, и тие сè уште разговараат со нас за негово напредување. Главната пречка е господинот Синвар,“ додаде тој. Јахја Синвар е лидерот на Хамас.

Претходно денеска Блинкен соопшти дека Хамас веќе неколку недели не учествува во преговорите за прекин на огнот во Газа. ссм/

фото: архива

Остани поврзан