• петок, 16 февруари 2024

Австрија бара забрзување на процесот на прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ 

Австрија бара забрзување на процесот на прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ 

Брисел, 5 декември 2023 (МИА) – Австриската министерка за одбрана Клаудија Танер порача дека Австрија инсистира на забрзување на процесот на пристапување на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, со цел да се обезбеди стабилност на регионот и негова заштита од странско влијание. 

- Забрзувањето на пристапните преговори со земјите од Западен Балкан е јасен приоритет за мене пред да зборуваме за други можни членства, изјави Танер за време на посетата на Босна и Херцеговина. 

Според неа, во услови на кризи во светот ЕУ „не смее да го изгуби од вид своето непосредно соседство“. 

- Западниот Балкан, а особено Босна и Херцеговина, се важен партнер за Австрија кога станува збор за натамошната стабилност, регионалната соработка и европската интеграција на овој регион, додаде Танер. 

Австриската порака за забрзување на процесот за прием на земјите од регионот доаѓа во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 13 декември во Брисел и во услови кога Унијата многу повеќе е фокусирана на кандидатурата за членство на Украина.  

Средбата на лидерите на Унијата и на земјите од Западниот Балкан ќе се одржи еден ден пред декемврискиот Самит на ЕУ каде една од темите ќе биде и процесот на проширување, вклучително и одлуката за старт на преговори за членство на Украина и Молдавија во блокот. Во однос на БиХ, Европската комисија препорача условен старт на преговорите со барање земјата да го „исполни потребниот степен на усогласеност“ со ЕУ. 

Неодамна во интервју за „Фајненшл тајмс“, шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг порача дека преговорите со БиХ треба да започнат што е можно побрзо. Според него, од претстојниот Самитот на ЕУ од геостратешки причини треба да се испратат „еднакви сигнали и во двете насоки“, и кон Украина и Молдавија и кон регионот на Западниот Балкан. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан