• понеделник, 04 ноември 2024

Авганистанците кои бегаат од Пакистан се без вода, храна или засолниште

Авганистанците кои бегаат од Пакистан се без вода, храна или засолниште

Кабул, 6 ноември 2023 (МИА) - Стотици илјади Авганистанци кои по наредба на пакистанската влада мораа да ја напуштат таа земја под закана од депортација, се соочуваат со недостиг од вода, храна и засолниште откако ја преминаа границата, соопштија хуманитарните агенции.

Во последните недели тие го напуштија Пакистан, односно до 31 октомври, до кога им беше даден рок да ја напуштат земјата или во спротивно ќе беа уапсени, поради новата политика на тамошната влада против имигрантите кои илегално се наоѓаат во земјата, пренесува Бета, повикувајќи се на АП.

Талибанците поставија кампови на границата каде што се сместени додека чекаат да бидат префрлени во местото на потекло во Авганистан.

Хуманитарните организации тврдат дека има ограничен пристап до вода за пиење и нема греење и тоалети.

Луѓето влегуваат во Авганистан само со облека на себе, бидејќи другиот имот и готовината им се конфискувани на пакистанската граница.

Авганистан се соочува со бројни предизвици. Покрај тоа што земјата е изолирана од меѓународната заедница, годините на суша, затегнатата економија и последиците од децениската војна доведоа до внатрешно раселување на милиони Авганистанци. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан