• понеделник, 23 декември 2024

Абакус - сѐ уште најдобрата рана подготовка за деца во изучувањето математика

Абакус - сѐ уште најдобрата рана подготовка за деца во изучувањето математика

Загреб, 23 февруари 2023 (МИА) - Во градинките обично се посветува посебно внимание на раната настава по Математика, а прилично солиден пример за тоа е установата „Весела куќичка“ во Загреб, каде што децата ги зајакнуваат своите умствени вештини, на пример, користејќи абакус.

- Предучилишната возраст е период на интензивна синаптогенеза - создавање невронски врски, односно „вмрежување“ на нервните клетки. Преку стимулативни активности обезбедуваме зајакнување на овие невронски врски. Доколку не се користат, тие се распаѓаат. Програмата „Алоха“ го поттикнува севкупниот развој на децата со разновидни развојно соодветни активности, особено развојот на почетните научни и логичко-математички вештини и способностите кои придонесуваат за тоа - внимание, концентрација, аналитички вештини, просторна ориентација, набљудување, меморија, креативност, имагинација и визуелизација, објасни педагогот Милана Цревар, раководител на „Алоха“ и директорка на градинката.

„Алоха“ е меѓународна програма за ментален и интелектуален развој на децата. Се заснова на научни истражувања за мозокот, а целта е зајакнување на мозокот со помош на абакус и умствени пресметки.

Невролозите истакнуваат дека предучилишната возраст кај децата е клучен период за развој на когнитивните вештини, а математичката компетентност е меѓу осумте клучни вештини за доживотно учење.

- Овој тренинг на мозокот им овозможува на децата да развијат рани математички вештини, да бидат подобри во пресметките и полињата „СТЕАМ“ (меѓународна кратенка за „наука, технологија, инженерство и математика“, б.п.), но кај децата се развива и концентрација и подобро помнење, што е неопходно за квалитетно учење, истакна Бранка Новосел, стручна раководителка на програмата за Хрватска.

По четиригодишна возраст, децата сè поумешно користат зборови, бројки и знаци. Користејќи го абакусот, тие лесно можат да ја толкуваат сликата во нумерички облик и со тоа да го развијат концептот за број, големина и количина.  си/ссм/

Остани поврзан