• недела, 24 ноември 2024

 Две седмици од исчезнувањето на Мартин на Халкидики, потрагата продолжува со несмален интензитет

 Две седмици од исчезнувањето на Мартин на Халкидики, потрагата продолжува со несмален интензитет
Атина, 23 јули 2022 (МИА) – Спасувачите волонтери и денеска продолжуваат со потрагата во поширокиот дел на Халкидики и во Егејското Море за пронаоѓање на Мартин, кој пред точно две седмици, во саботата на 9 јули исчезна кај Посиди на првиот крак, откако со двајца пријатели влегле во морето и му се загуби секаква трага, јави дописничката на МИА од Атина. Од волонтерски спасувачки тим ОФКАТ за МИА велат дека продолжуваат со потрагата не само во морскиот дел, туку и од воздух со помош на авион од аеро- клубот во Солун, кој денеска ќе го прелета и делот околу Еврос и островот Тасос. Поради вчерашниот пожар на Еврос, авионот што учествува во потрагата не можеше да лета во конкретниот дел, бидејќи интервенира воздушните средства за гаснење на пожарот, па затоа денеска ќе го стори тоа. Членовите на ОФКАТ од првиот момент се на терен, секојдневно веќе 15-ти ден пребаруваат во различни делови, како на копно, така и во вода, а нивната потрага продолжи и по завршувањето на официјалната потрага што ја водеше крајбрежната служба на Грција. Претседателот на грчкиот волонтерски спасувачки тим Христос Рамос во четвртокот, во разговор со дописничката на МИА од Атина рече дека „нема да запрат сè додека не го најдат Мартин“. -Оваа изјава ја дадов уште од самиот почеток и е ветување што му го дадов на семејството на Мартин, истакна Рамос за МИА. Во средата, откако добиле информација со фотографија од костим за капење- шорцеви, сличен на оној на Мартин, најден во близина на Катерини, потрагата на спасувачите од ОФКАТ се префрли во тој дел на Грција, меѓутоа без резултат. Не успеаја да го најдат костимот за капење, иако го пребараа цел дел, а за жал човекот кој го фотографирал не го земал. Спасувачката акција започна во попладневните часови на 9 јули кога тројцата државјани на Северна Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот. Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен истиот ден по поминати околу два часа во вода, додека пак ден подоцна, по околу 20 часа во морето беше пронајден и 30-годишниот Иван, потрагата по третиот пријател, Мартин, продолжува веќе две седмици. Иако вообичаена пракса на грчката крајбрежна служба е потрагата да трае 72 часа, односно три дена по исчезнувањето, овој рок беше продолжен по официјалното барање од македонска страна и телефонскиот разговор меѓу шефовите на двете дипломатии Бујар Османи и Никос Дедниас. Официјалната потрага на Крајбрежната служба на Грција заврши минатиот четврток на 14 јули, а акцијата продолжи од волонтерски спасувачки тимови. ср/вг/    

Остани поврзан