• сабота, 23 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
24 декември 2020  Народна медицина Кузман Шапкарев за народната медицина во Македонија Начеток, турски тузлу-балгам, мајас’л, болест на кожата на човечкото тело особено по рацете и нозете. Од таа болест површината на кожата станува грапава и пука, или излегуваат ситни зрнца, кои многу ги чешаат, а кога ги почешаш и разраниш, истекува од нив жолта вода, од некои пукнатини излегува и крв. Истата болест во некои места ја викаат напрсница. Се лекува кај нас така: а) од надвор го мачкаат болното место со едно мазило (мелем), направен од црна смола (ардач-катран), измиена со вода три-девет пати, додека пожолтее. Во неа дотуруваат трендафилова вода (ѓулсуј) и уште нешто друго, не паметам што. б) За однатре, јадат сулфурен цвет (ќуќур-баари) и толчен шеќер. Истовремено се чуваат од кисели, солени и лути јадења како и од вино до 40 дена. Во Прилеп една баба даваше против таа болест да јадат секое утро и навечер по една лажичка од истата смеса – сулфур и шеќер, но притоа уште и по еден дел неварен сув октапод и по половина лимун со корупката и наполно имаше успех, на што и сам сум бил очевидец. Коментар: Многу успешно е изнесена основната клиничка и субјективна симптоматологија на болеста ецзема, која всушност претставува алергично кожно заболување, врз основа на конситуционално-наследна предиспозиција. Од описот може да се препознае клиничката слика на хроничниот (кожата станува грапава и пука, а по некои од пукнатините излегува и крв) како и на акутниот екцем (излегуваат ситни зрнца кои многу чешаат, а кога ќе ги разраниш, излегува од нив жолта вода). Сите изнесени начини на народно лекување се само обиди на некој начин да му се помогне на болниот, така што истите немаат потполно медицинско оправдување. Препорачаните совети да се чуваат од кисели солени и лути јадења како и од вино имаат и денес своја медицинска оправданост, бидејќи тие можат да бидат причина за провоцирање на болеста. Од наведените народни имиња: начеток, напрасница, турски – тузлу-балгам, мајасил, до денес широко и секојдневно се употребува името мајасил, а во струшко и името начеток. Ницина, грутки од згусната и згруздена крв кои се ствараат под мишките или во ципите (бедрата) и под колената пропратени со силна болка. Ако се остават неспречени, по неколку дена нагнојуваат. Ницината се јавува симптоматски како одраз на друга болест т.е. кога некого го боли прст или друг дел од краиштата на рацете или нозете, и таа болка случајно да биде над некоја жила тогаш како последица на тоа се јавува ницината на едно од горе споменатите места. За да се спречи нагнојувањето на ницината, се ложи со толчен кромид со сол, кој ги запечува. Потполното излекување и исчезнување зависи од излекувањето на главната болка, која била и нивна причина и извор. Коментар: Описот се однесува за окутно воспаление на лимфните патишта на одредени регионални лимфни жлезди во случај на некое гнојно воспаление на крајните делови на рацете или нозете. Погрешно е изнесено дека ницината претставува грутки од згусната или згруздена крв, бидејќи всушност истата се јавува како резултат на воспалителен оток или загнојување на одредени регионални жлезди. Точно е изнесено дека ницината се јавува симптоматски и дека прогнозата и излекувањето зависат од текот на основното гнојно воспаление – како причинител за нејзиното секундарно појавување. Ложењето со толчен кромид со сол е само обид да се спречи загнојувањето на воспалителните лимфни жлезди (антифлогистичко дејство), кое во времето кога немало други ефикасни начини за лекување (антибиотици и сулонамиди) имало некое свое оправдување. Интересно е името ницина, кое многу често и денес се употребува но не ми јасно од кое јазично подрачје е. Од книгата „По народната медицина и нејзината номенклатура во Македонија“ од Кузман Шапкарев, приредиле и коментирале група автори, Штип, 1982. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан