Mоди: Индија не може да прави компромис ниту за еден сантиметар од своите граници
- Кога ќе ги видат вооружените сили на Индија, непријателите на земјата „го гледаат крајот на нивните злобни планови“, им изјави премиерот на војниците стационирани во Заливот Сер во областа Куч во државата Гуџарат.
Њу Делхи, 1 ноември 2024 (МИА) - Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека неговата земја не може да прави компромис ниту за еден сантиметар земја на своите граници, додавајќи дека луѓето веруваат во силата на армијата и нејзината способност да ја заштити Индија, јави индиската агенција ПТИ.
Кога ќе ги видат вооружените сили на Индија, непријателите на земјата „го гледаат крајот на нивните злобни планови“, им изјави премиерот на војниците стационирани во Заливот Сер во областа Куч во државата Гуџарат.
Областа се наоѓа во близина на индиско-пакистанската граница, а Моди таму традиционално секоја година го слави празникот Дивали (хиндуистички фестивал на светлината) заедно со претставници на граничните безбедносни сили и од различни единици на армијата.
-Во минатото имаше обиди овој регион да се претвори во бојно поле. Непријателот одамна му има „фрлено око“. Но, ние не се грижиме се додека ја чувате земјата безбедна. Нашиот непријател исто така многу добро го знае ова, нагласи Моди.
„Благодарение на вас, индискиот народ чувствува дека земјата е безбедна. Кога светот ќе ве погледне, ја гледа индиската сила, кога непријателите ве гледаат, го гледаат крајот на нивните злобни планови“, продолжи индискиот премиер.
Моди истакна дека во времето кога бил прв министер на државата Гуџарат, имало обид за окупација на заливот Сер Беј, но тој се спротивставил.
Премиерот нагласи и дека неговата влада верува дека армијата е доволно силна да ја заштити земјата и дека не им верува на зборовите на индиските непријатели.
Претходно оваа недела беше завршено повлекувањето на индиските и кинеските воени единици од две тензични точки долж заедничката граница на Хималаите. Овој потег беше направен со договорот меѓу Индија и Кина за патролирање на нивната заедничка граница во индиската административна територија Ладах.сд/
фото:МИА архива