• вторник, 24 декември 2024

Џугуманов: Странски центри се обидуваат да влијаат врз младите во регионот и да ги радикализираат и поларизираат

Џугуманов: Странски центри се обидуваат да влијаат врз младите во регионот и да ги радикализираат и поларизираат
Софија, 28 април 2022 (МИА) - На Балканот има зголемено влијание од трети земји и центри кои ги користат емоциите поврзани со пандемијата со Ковид-19 и војната во Украина, во насока на создавање нестабилност, изјави за МИА генералниот секретар на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија, Илија Џугуманов, по завршувањето на дводневната Конференција за медиумска писменост и борба против лажните вести и дезинформации во Софија. На конференцијата, која се одржа во рамките на проектот Генерација З во организација на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија и Атлантскиот клуб на Бугарија и со поддршка од американскиот Стејт департмент, присуствуваа 15 млади претставници од Северна Македонија и Бугарија. Во изјавата за МИА, Џугуманов истакна дека ваквите конференции имаат за цел да ги натераат младите од двете соседни земји да ги препознаат лажните вести и да се спротивстават на кампањите за дезинформации. - Младите денес споделуваат мемиња и преку нив може да се видат пораките кои се клучни во комуникацијата во е-просторот. Целта беше учесниците преку овој тип на комуникација да го видат влијанието на различни странски земји и центри врз младите во регионот и колку се тие радикализирани и поларизирани, во една или друга насока, во однос на различни општествени прашања поврзани со односите меѓу земјите од Западниот Балкан и опкружувањето, изјави Џугуманов. Според него, ако за постарите генерации она што се пишуваше во медиумите или се кажувапше на телевизија беше крајната вистина, помладите веќе почнуваат да ги проверуваат информациите и фактите и сфаќаат дека преку социјалните мрежи може да бидат директно погодени од хибридни напади, што секогаш се организирани од земји, но и од поединечни групи или поединци, кои имаат посебни политички или бизнис интереси. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Џугуманов смета дека странски земји и центри ги користат проблеми и наместо зближување на двете општества, предизвикуваат поделби и спротивставувања меѓу Бугарија и Северна Македонија. - Треба да се вратиме на градењето добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија, а веројатно постарите луѓе не го разбираат присуството на кампањите за дезинформации и тие се и корисници на информации и предмет на информативни напади на лажни вести, изјави Џугуманов. Според него, европските и атлантските интеграции можат да бидат мост за соработката меѓу Бугарија и Северна Македонија, а повлекувањето на бугарското ветото за старт на преговорите за членство на земјава ќе значат почеток на еден сериозен и долготраен процес во ЕУ. - Европската Унија мора да биде мост на пријателство меѓу двете земји. За жал, опозицијата и во Северна Македонија и во Бугарија ја користи европската интеграција како негативна алатка во регионот, злоупотребувајќи ги стравувањата од пандемијата од Ковид-19 и руската инвазија на Украина. Во Македонија, по пандемијата и со ветото од Бугарија и војната во Украина, се отвори простор за манипулација, што влијае врз општеството и дополнително го поларизира, а тоа придонесува и за опаѓање на поддршката за ЕУ, смета Џугуманов. нк/сп/

Остани поврзан