• среда, 25 декември 2024

Објавена првата детска илустрирана книга „Во светот на палавите епиграмчиња 1“ од Миле Ѓорѓијоски на кирилица и глаголица нова

Објавена првата детска илустрирана книга „Во светот на палавите епиграмчиња 1“ од Миле Ѓорѓијоски на кирилица и глаголица нова

Кочани, 24 декември 2024 (МИА) – Издавачката куќа „Орион“ од Делчево ја издаде првата детска илустрирана книга „Во светот на палавите епиграмчиња 1“ од авторот Миле Ѓорѓијоски, која освен на кирилица, паралелно е отпечатена и со глаголица нова, чиј креатор е македонскиот графички дизајнер Ласко Џуровски.

На денешната промоција на книгата, што се одржа во општинската библиотека „Искра“ во Кочани, авторот нагласи дека станува збор за пионерски почетоци во објавувањето епиграми кај нас, а што како кратка поетско-сатирична форма многу малку е застапена и на балканските простори.

Илустрациите за книгата ги изработи средношколката Софија Ситновска од Македонска Каменица, со која авторот има неколкугодишна соработка за другите негови литературни дела.

-Ова е прва книга со епиграми во Македонија и на Балканот, а со оглед на тоа што е прилагодена за детската возраст, во неа има посебен осврт за тоа како децата да ја научат и да ја користат, односно да ја инсталираат во компјутерското пишување. Целта беше да научат да се служат со ова некогашно наше, словенско и македонско писмо, затоа што тоа е дел од историјата, писменоста и македонските корени. Секако, не го отфрламе македонското кирилично писмо, но сакаме да ја продолжиме подзаборавената традиција во користењето глаголица, која во Хрватска, Чешка и други словенски држави е нешто свето, вели Ѓорѓијоски.

Тој изрази задоволство што илустрациите повторно ги изработи младата Софија со која соработува уште кога била осмо одделение, а сега веќе е втора година во средно образование и има свој препознатлив стил во цртањето.

-Според мене таа е еден од нашите најдобри илустратори. Потврда за тоа е што годинава ја доби првата награда на конкурсот „Пјер“ на весникот „Вечерње новости“ во Србија, истакна Ѓорѓијоски.

Промотор на книгата беше Љубинка Ајтовска, а со свои епиграми и цртежи на промоцијата учествуваа и ученици од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани. та/вг/

фото: МИА

Остани поврзан