• вторник, 24 декември 2024

Џафери: За нас, како идна земја членка на ЕУ, почитувањето и еднаквиот третман на работниците и работничките права е императив

Џафери: За нас, како идна земја членка на ЕУ, почитувањето и еднаквиот третман на работниците и работничките права е императив

Скопје, 1 мај 2024 (МИА) - Денес е 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, и, покрај честитките, дозволете да изразам и огромна благодарност до сите почитувани работници кои и во овие тешки околности на глобални кризи од здравствен, енергетски и економски аспект, посветено, одговорно и професионално придонесуваат во јакнењето на издржливоста, растот, развојот и конкурентноста на економијата во Република Северна Македонија, напиша техничкиот премиер Талат Џафери во честитката до граѓаните по повод Меѓународниот ден на трудот, соопшти владината прес - служба. 

Како држава, посочува Џафери, треба секогаш да размислуваме во насока на понатамошно унапредување на работничките права, да го споделуваме товарот и да покажеме солидарност. Да ги заштитиме и работниците, и работодавачите. Затоа што, секогаш може да биде подобро.

-Да се чувствуваат посреќни, еднакви и рамноправни. Затоа што, само задоволни работници претставуваат и верни и лојални чувари на јавното добро. Тогаш стануваат моќни двигатели на домашната економија а со тоа овозможуваат и обезбедување на поквалитетен семеен стандард и живот, истакнува тој.

Како идна земја членка на Европската Унија, како што посочува Џафери, наша заложба е да ги штитиме работниците и да осигураме еднаков и фер третман за нив од работодавачите, бидејќи секој работник е пред сѐ, човечко битие кое заслужува почит и достоинствен живот. дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан