• понеделник, 23 декември 2024

Ќе се мери квалитет на воздух во 10 јавни објекти во Кавадарци

Ќе се мери квалитет на воздух во 10 јавни објекти во Кавадарци

Кавадарци, 5 октомври 2023 (МИА) - Ќе се мери квалитет на воздух во 10 јавни објекти во Кавадарци, информираа попладнево од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.  

- Во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Република Северна Македонија, во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица, со финансиска поддршка од Шведска, предвидено е да се направи мерење на квалитетот на воздухот во вкупно 10 јавни објекти (училишта и градинки) кои се лоцирани во петте градови, Струмица, Кавадарци, Гостивар, Куманово и Струга, соопштија од кабинетот на Јанчев. 

Оттаму појаснија дека мерењето и анализите ќе ги направи лабораторијата Амбикон при Универзитетот ,,Гоце Делчев" во Штип,  под водство на ректорот проф. Дејан Мираковски, која е акредитирана за ваков вид на мерења.

- Мерењата ќе се направат во согласност со препораките на Светската здравствена организација и локалните специфики за квалитетот на воздухот, кои ќе вклучат анализа на масена и бројна концентрација како и хемискиот состав на суспендираните честички, концентрацијата на биоаеросоли (вкупен број), концентрацијата на гасовити
 загадувачи вклучително CO2, CO, органски испарливи компоненти и формалдехид (трендови и просечни концентрации), анализа на параметрите на проветрување и термален комфор во просториите, додадоа од кабинетот на градоначалникот. 

За да се утврдат сезонските флуктуации на концентрациите на одредени загадувачи, рекоа,  примероците ќе се земаат во две фази, за време на студените месеци, ноември до март и за време на топлите месеци, мај до септември. Програмите за земање примероци во секоја институција ќе опфаќаат период од најмалку една недела и ќе вклучуваат мерења направени пред, за време и по часовите. Факторите кои влијаат на квалитетот на воздухот во затворените простории (согорување на енергеси внатре во објектот, видови на мебел, опрема и слично) исто така ќе бидат документирани. Дополнително, ќе биде анализирана и надворешната средина, вклучително и близината до сообраќајници, индустриски извори на загадување и слично.

Сите активности ќе се спроведат во блиска координација со персоналот и директорите на училиштата и градинките, општините и надлежните министерства, вклучувајќи го и Министерството за труд и социјална политика, кое е надлежно за работата на градинките.

Паралелно на ова се врши мерење и анализа на квалитетот на воздухот на отворен простор за период од 12 месеци.
По добиените резултати, ќе се креира сет на препораки и мерки за унапредување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на најмладите.Овој проект е дел од програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“. свд/свс/

Фото: Кабинет на градоначалникот Митко Јанчев 

Остани поврзан