• среда, 13 ноември 2024

Њујорк тајмс: Талибанците повторно забрануваат музика во Авганистан

Њујорк тајмс: Талибанците повторно забрануваат музика во Авганистан
Вашингтон, 26 август 2021 (МИА) - Портпаролот на талибанците, Забихулах Муџахид за Њујорк тајмс изјави дека повторно ќе биде забранета музика во Авганистан. - Музиката во исламот е забранета, но се надеваме дека ќе можеме да ги убедиме луѓето да не прават такви работи, наместо да вршиме притисок врз нив, истакна Муџахид. Тој истакна и дека нема причина за загриженост дека талибанците повторно ќе ги затворат жените во домовите. Муџахид посочи дека на жените во иднина ќе им биде дозволено да се вратат на работа се додека носат хиџаб, додека ако патуваат повеќе дена ќе мора да имаат машка придружба. - Сакаме да изградиме иднина и да заборавиме што се сличило во минатото, наведе Муџахид реагирајќи на извештаите дека талибанците веќе се одмаздуваат на тие кои им се спротивставуваат. Според него сите што имаат пасоши ќе можат да го напуштат Авганистан и оти талибанците нема да ги гонат поранешните преведувачи и другите лица кои работеле за американската армија. Но, Муџахид изрази незадоволство од американската евакуација. - Не би требало да се мешаат во нашата земја и да ни ги одземаат човековите ресурси: лекари, професори и други луѓе кои ни се потребни овде. Во Америка, тие може да станат машини за миење садови или готвачи. Тоа не е хумано, наведе Муџахид. Тој додаде дека се надева оти талибанците ќе изградат добри односи со меѓународената заедница, и дека веќе соработувале со меѓународните лидери во борбата против тероризмот, искоренување на опиумот и за намалување на бегалците. ми/

Остани поврзан