• вторник, 24 декември 2024

Њујорк Тајмс: САД започнаа преговори за користење на замрзнатите руски средства

Њујорк Тајмс: САД започнаа преговори за користење на замрзнатите руски средства

Вашингтон, 22 декември 2023 (МИА) - Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден започна итни преговори со сојузниците за користење на замрзнатите руски средства за воена поддршка на Украина, пишува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори.

Белата куќа, наводно, „сигнализирала“ дека се согласува со користењето на рускиот имот, со оглед на тоа што се повеќе конгресмени се залагаат за закон што ќе го дозволи тоа.

Соединетите Американски Држави вршат притисок врз Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Канада и Јапонија да ги претстават своите планови на оваа тема до 24 февруари, кога ќе биде двегодишнината од почетокот на руската инвазија на Украина.

Се уште се разговара за деталите за стратегијата за користење на руските средства, а и натаму не е одлучено дали средствата ќе одат директно во Киев или ќе се користат на други начини.

Според американскиот весник, оваа одлука би можела да ја натера Москва да преговара за крај на војната во Украина.

По почетокот на руската инвазија, Европската унија и земјите од Г7 замрзнаа речиси половина од девизните резерви на Русија - околу 300 милијарди евра. Околу 200 милијарди има во Унијата, најмногу на сметките на белгиски „Еуроклир“, кој на крајот на октомври објави дека во деветте месеци од 2023 година заработил околу три милијарди евра од камати од инвестиции во руски средства кои се под санкции. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан