• четврток, 26 декември 2024

ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје ќе испорачува сметки на биоразградлива хартија

ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје ќе испорачува сметки на биоразградлива хартија
Скопје, 29 јануари 2020 (МИА) - ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје е првото претпријатие во државата кое од овој месец ќе испорачува сметки на рециклирана, еколошка и биоразградлива хартија со цел заштита на животната средина. Душко Весковски, генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, на денешната прес-конференција истакна дека станува збор за околу 210.000 сметки кои месечно се испорачуваат до корисниците, односно 2.500.000 сметки кои се потецијален отпад на годишно ниво. Бенефитот од замената на хартија произведена од дрво со користењето на рециклирана хартија, како што информира Весковски, значи заштеда од 60 отсто на енергија и намалување на потрошувачката на вода за 15 отсто. - Горди сме и среќни што сме прво претпријатие во државата кое ќе испорачува сметки на рециклирана, еколошка и биоразградлива хартија. Освен заложбите за реализација на капитални проекти, ЈП „Водовод и канализација“ работи и на воспоставување на една поинаква пракса и се надеваме дека ќе сме позитивен пример за сите, посочи директорот, додавајќи дека праксата за употреба на рециклираната хартија за внатрешна и надворешна употреба е започната минатата година. Весковски информира дека со преземање на овој чекор и со воведување на интернационалниот стандард ISO 14001, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје станува „Environmentally friendly” претпријатие, а тоа значи претпријатие кое ги исполнува Европските стандарди за заштита на животната средина. Освен стандардниот начин на добивање и плаќање на сметките, директорот напомена дека корисниците имаат можност да ги користат и онлајн услугите достапни на веб-страната на Претпријатието, каде имаат можност да добијат електронска сметка и да ја платат преку опцијата плати брзо или како регистриран електронски корисник. - Наша обрвска е да ја заштитиме животната средина, да ја одржуваме околината чиста, зашто чистата и здрава околина значи чиста и здрава питка вода, што е всушност и нашиот приоритет, нагласи Весковски и додаде дека ќе ја продлабочат соработка со Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Пакомак“. Генералниот менаџер на „Пакомак“, Филип Ивановски, на денешната прес-конференција додаде дека целта на соработката е борбата за кревање на свеста на граѓаните за значењето на рециклирањето, заштитата, правилната употреба и користење на водните ресурси, имајќи ги предвид климатските промени кои делуваат на секој сегмент во животната средина и најави реализација на повеќе проекти од заеднички интерес. бт/сп/

Остани поврзан