• петок, 21 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Јоргенсен за ЕНР/МИА: Ќе се фокусираме на намалување на сметките за струја на домаќинствата

Јоргенсен за ЕНР/МИА: Ќе се фокусираме на намалување на сметките за струја на домаќинствата

Брисел, 19 март 2025 (МИА) - Главен фокус на мојата работа е намалување на цените на енергијата, обезбедување што е можно поголема независност од руските енергенси и декарбонизацијата, истакна еврокомесарот за енергија и домување Ден Јоргенсен во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), од која дел е и МИА. 

- Добрата вест е дека за реализација на сите овие три многу важни приоритети, алатките се исти. Прво и основно, итен премин на повеќе обновливи извори на енергија, брзо спроведување на мерки за енергетска ефикасност и поголема транспарентност на пазарот на гас. Ќе ја разгледаме и можноста за заедничка набавка на гас, вели Јоргенсен. 

Според него, со мерките од Акцискиот план за достапна енергија, што тој го презентираше минатиот месец, во првите месеци од оваа година, до на пролет, ќе бидат заштедени 45 милијарди евра, а во следните години тие заштеди ќе се зголемуваат, достигнувајќи околу 130 милијарди евра во 2030 и 260 милијарди евра во 2040 година.

- Ова очигледно ќе направи разлика. Во просек ќе биде повеќе од 200 евра (заштеда) по домаќинство. Ова е важно, затоа што не само што им помага на нашите индустрии и на нашата конкурентност, туку и на 46 милиони луѓе во Европа кои се соочуваат со енергетска сиромаштија и не се во можност соодветно да ги загреат своите домови, вели Јоргенсен. 

Тој додаде и дека висината на сметките за струја, покрај од самата цена на енергијата, зависи и од трошоците за електро пренос и даноците, но и од тарифните системи со чие прилагодување според обемот на потрошувачката, може да се придонесе и за намалување на сметките.  

Според него, потребно е да се работи и на поголемо енергетско поврзување на Европа и создавање единствен електричен систем. 

Далновод

- Аналогија би можела да биде ако кажеме дека ни требаат 200 автопати за да го поврземе транспортниот систем во Европа. Ситуацијата во енергетиката е дека ако ни требаат 200 автопати, ние имаме 100, а користиме само 50 од тие 100. Значи, првиот чекор е да станеме поефикасни во мрежата и врските што веќе ги имаме. Тоа можеме да го направиме со тоа што ќе се дигитализираме, користејќи дигитални решенија и вештачка интелигенција, смета Јоргенсен. 

Еврокомесарот посочи и дека од 2022 година, по почетокот на руската агресија врз Украина, зависноста од рускиот гас во ЕУ е тројно намалена, но во истиот период земјите членки потрошиле повеќе пари за купување руски фосили горива и енергија, отколку што и дадоа помош и субвенции на Украина.  

- Или кажано поинаку, потрошивме сума што е еднаква на цената на 2.400 нови борбени авиони Ф-35. Ова очигледно нема да може да продолжи. Затоа треба да направиме повеќе за да станеме независни од рускиот увоз, вели Јоргенсен. 

Тој најави дека наскоро ќе презентира патоказ за ослободување од зависноста од рускиот гас, во кој ќе бидат користени искуствата од изминативе три години со зголемување на диверзификацијата на изворите на енергенсот. 

- Но, тоа не е едноставна работа. Да беше лесно, ќе го направевме уште пред три години. Но, работиме исклучително напорно за тоа да се случи што е можно побрзо, нагласи Јоргенсен. 

За европско-американското партнерство во сферата на енергија, Јоргенсен вели дека ЕУ и САД не се согласуваат околу улогата на обновливите извори на енергија и борбата против климатските промени, но сепак Унијата мора да им биде благодарна на оние земји кои и помогнаа за време на енергетската криза. 

- Да не беа Норвешка и САД, секако и другите, но особено овие две земји, ќе бевме во многу поголеми проблеми отколку што сме. Во моментов, САД се вториот најголем снабдувач со гас во Европа, по Норвешка, и тоа е многу, многу важно за деловите од нашите општества кои се уште се зависни од гас, изјави Јоргенсен. 

Според него, во услови кога потребата од гас ќе продолжи и во следните години клучно за ЕУ е да се разговара со различни земји кои можат да го снабдуваат европскиот пазар, а тука клучни се САД со нивниот течен природен гас (ЛНГ). 

Во однос на загриженоста дека ако ЕУ стане премногу зависна од американскиот ЛНГ, САД би можеле да манипулираат со цените на гасот во Европа, како што тоа претходно го правеше Русија, Јоргенсен вели дека на овие стравување ќе се одговори со Акцискиот план за прифатлива енергија, со кој ќе се постават јасни правила за начинот на функционирање на европскиот пазар на гас. 

На прашање дали во новиот геополитички контекст, нуклеарната енергија би можеле да има поголема улога во зајакнување на енергетската независноста на Европа, Јоргенсен изјави дека користењето на енергијата од нуклеарните централи и во следните две децении, „повеќе или помалку“, ќе биде на исто ниво како што е и сега. 

- Нешто што може да го промени ова е развојот на мали модуларни реактори. Повеќето експерти тврдат дека е тешко такво нешто во блиска иднина, но зборуваме за 2030-тите години и тогаш постои можност и за комплетирање на нови технологии, како, на пример, четврта генерација нуклеарни генератори,  изјави Јоргенсен, додавајќи дека нуклеарната енергија ќе биде потребна и за остарување на целите на ЕУ за постигнување климатска неутралност до 2050 година. 

Еврокомесарот во интервјуто за ЕНР, од која дел е и МИА, оцени и дека нема назадување во зелената транзиција, посочувајќи дека ЕУ останува исклучително фокусирана на користењето повеќе обновливи извори на енергија и на зголемување на енергетската ефикасност во следните години. сп/ 

Фото: Мирко Парадизо/ЕНР / МИА Архива 

Остани поврзан