• среда, 27 ноември 2024

Јованоска за МИА: Преку еднаков број на жени во тимот до поуспешно учество на Олимписките игри 

Јованоска за МИА: Преку еднаков број на жени во тимот до поуспешно учество на Олимписките игри 

Скопје, 3 мај 2024 (МИА) – Олимписките игри не се само спортско натпреварување, туку и платформа за промена и влијание. Во текот на годините, се работи на постигнување на родова еднаквост на овие престижни настани. Годинашните Олимписки игри во Париз ќе бидат историски, бидејќи за прв пат ќе има еднаков број на жени и мажи натпреварувачи.

Пулексенија Јованоска, дванаесеткратен државен шампион во карате и претставничка на Северна Македонија на Летните Олимписки игри во Токио во 2020 вели дека иако има напредок во изедначувањето на родовите на олимписките терени, сѐ уште треба да се работи за да се обезбеди еднаква поддршка и можности за спортистките.

Во интервјуто, што е спроведено во рамки на проектот „Зајакнување на девојки преку спорт“ на „Спорт Соушал Солушн“, поддржан од Францускиот културен центар и Амбасадата на Франција во земјава, Јованоска го споделува своето олимписко искуство и предизвиците со кои се соочила како жена на Олимписките игри. Таа се залага за позитивни промени и верува во моќта на спортот да ги вoздигне девојките и жените, наведувајќи ги да веруваат во себе и да се борат за своите цели.

- Олимписките игри ми оставија белег како круна на целата моја кариера и на сите мои успеси. Воедно, голема и силна беше тежината на мојот настап, затоа што Македонија за првпат доби шанса, како карате спорт, да настапи на Олимписки игри. Каратето за првпат доби шанса и јас бев единствената претставничка таму, вели таа.

Според неа, предизвикот да се учествува на ОИ е огромен, имајќи ја предвид конкуренцијата и желбата на останатите земји да освојат висок пласман.

Во однос на предизвиците во делот на родова еднаквост на ОИ, Јованоска вели дека сѐ уште недостига ист број на тренери, на раководни лица кои ги водат тимовите.

- Од моето лично искуство можам да зборувам дека бевме 20 наспроти 80 проценти жени кои  патувавме на ОИ во Токио. Мене и тогаш, а и денес, ме загрижува фактот што не се менува, не одиме на некое подобро утре во тој дел, заради тоа што едноставно сметам дека сѐ уште постои тоа табу, таа дупка во спортот дека мажите се подобри и подобро ги водат тие ракводни функции, вели таа.

Нагласува дека меѓусебната поддршка на жените и соодветен број на жени во тимот игра важна улога во перформансот на натпреварувачките.

- Да се биде жена физиотерапевт, тренер, помошник партнер во однос на подготовките во процесот, значи многу. Исто како кај момците на кои им одговара тренинг партнер од нивниот пол, така и на девојките за тренер партнер секако е подобро кога имаме женска личност од другата страна, за подготовка, и, ете, нели, за последните тренинзи што се случуваат токму во Олимпиското село или на Олимпијадата, вели Јованоска.

Според неа, тоа ја менува самата помисла и самодовербата кај девојките да се борат и да бидат посигурни во себе кога се веќе на таков голем настан, бидејќи самите ОИ како настан, како што дополнува, носат голем притисок, тежина и одговорност.

Јованоска вели дека од дома спортистките не тргнуваат рамноправно како и спортистите. Ги споменува нееднаквите стипендии и нагласува дека слухот за каратето и олимпизмот кај нас и не е толку голем.

- Не тргнуваме рамнопоравно. Да не бидам сурова, сметам дека во Токио се постигна и се почувствува тоа како веќе почнуваме да се приближуваме преку спортот да бидеме еднакви со еднакви права и можности. Но, сепак, ако ги гледаме фактите и ако погледнеме на вистината во очи, тогаш ќе знаеме од самиот старт, ако олимписките стипендии за олимпијките се пониски, а за олимпијците се повисоки, тогаш знаеме дека на самиот старт ние сме поразени, вели таа.

За Олимписките игри вели дека ѝ оставиле белег и огромна мотивација за да работи на создавање на платформи каде што ќе ја покрене пред сѐ свеста кај младите девојки.

- Тие девојки, ако сакаме да ги зајакнеме, ако сакаме утре тие девојки да го подигнат својот глас, мора да бидат со контакти, со комуникациски вештини кои подоцна ќе можат да одекнат, да го кренат својот глас и со факти и аргументи да се спротивстават на системот, којшто, ете, знаеме дека е лош. И за да може да направиме промена, треба да вложуваме во младите во освестување за тоа што значи Олимписки Игри, што значи да си претставник таму. За мене пред сѐ е благодет што се освестувам во кое поле треба да вложувам и каде треба да ја насочам енергијата во она кое што го исцрпив како искуство од ОИ, вели таа.

Нејзината порака до идните олимпијки е да веруваат во себе и да ги искористат сите шанси што им се дадени.

- Ако е дадена шанса да се бранат боите на нашата држава, и ако се блиску до тоа, да загризаат, бидејќи ОИ се навистина сон на секоја спортиска, а во исто време, мене лично ми отворија многу врати на коишто денес работам, многу контакти со кои соработувам, многу видици. И, ете, можам слободно да кажам дека мене Олимпијадата ме промени, а сметам дека доколку сакаат да го остварат сонот, може да очекуваат само позитивна промена, вели Јованоска.

Ангела Рајчевска
Фото: Дарко Попов
Видео: Владимир Рабасовиќ

 

Остани поврзан