• четврток, 14 ноември 2024

Јовановиќ: Лекциите од пандемијата да послужат за справување со економската криза од војната во Украина

Јовановиќ: Лекциите од пандемијата да послужат за справување со економската криза од војната во Украина
Скопје, 28 февруари 2022(МИА) - Не очекува уште поголема економска криза од војната во Украина, многу поголема од онаа што беше предизвикана од ковид пандемијата, изјави Бранимир Јовановиќ, економист од Виенски институт за меѓународни економски студии, на денешниот регионален форум „Влијанието на Ковид-19 врз економијата, со посебен фокус на социјалната економија“, во организација на МЦМС. - Сега е многу тешко да се размислува за што било друго освен за војната во Украина. Оваа војна ќе генерира многу голема економска криза. Дури и да застанат работите на сегашната состојба, ќе има сериозни економски последици, не само за Балканот, туку и за Европа. Прво ќе се одрази на повисоки цени, што веќе и се случува со цената на нафтата, која е највисока во последните години. Пораст на 30 отсто на европските пазари. И пред војната имавме зголемени цени, но сега се повеќе ќе се зголемуваат, истакна Јовановиќ. Тој рече дека особено ги следи економските случувања во Северна Македонија и Србија, во кои последните месеци инфлацијата е шест, седум отсто, а во следниот период таа ќе се зголеми уште повеќе. - Вториот канал е директниот трговско-инвестициски канал од Русија, која е четвртиот инвеститор во Западен Балкан. Руските инвестиции нема да бидат присутни во регионот, а исто така и извозот кон Русија. Ќе се создаде дупка и тоа ќе има економско влијание, рече Јовановиќ. Според него, војната во регионот ќе се одрази во мала мерка и на финансискиот пазар, а забавениот раст во ЕУ, ќе влијае и на Западен Балкан, бидејќи ЕУ е најголемиот трговски партнер на овој регион. - Лекциите кои ги научивме од ковид-пандемијата, можат да бидат корисни и за тековната криза. Владите треба да преземат дејствија. Тоа е првата лекција која ја научивме од пандемијата. Земјите кои трошеа најмногу за време на пандемијата, имаат најдобри економски резултати. Владите треба да ги регулираат цените. Северна Македонија и Србија го направија тоа. Некои земји од регионот, како и државите од ЕУ, ги регулираа цените на енергенсите, вели Јовановиќ, кој смета дека владите треба да ги оданочат богатите. Тој потенцира дека „сите не се наоѓаме на ист брод“, односно во пандемијата, иако таа се одрази врз сите, богатите не страдаа исто како и сиромашните, а тоа истото важи и за кризите. - Богатите имаа пари и можеа да се заштитат, вели Јовановиќ, кој потенцира дека владите треба да има помогнат на оние на кои навистина им треба помош, а не на сите. Милијардерите го зголемија богатството, а сиромашните станаа уште посиромашни, нагласи економскиот експерт. Даниела Зампини, специјалист за вработување од Меѓународна организација на трудот (ИЛО) посочи дека владите треба да водат дијалог со работодавците и работниците кога носат некоја мерка, како на пример, договарање за минималната плата. Зампини рече дека пандемијата открила недостаток во однос здравствената грижа. - Здравствената грижа зависи од статусот на вработување. Ако сте вработени имате пристап до здравствена грижа, за разлика од невработените. Тоа треба да се смени. Без разлика дали некој е вработен или не, секој треба да има пристап до бесплатна здравствена грижа, вели Зампини. Таа посочи дека за време на пандемијата многу луѓе, кои биле на дното на пирамидата, а останале без работа, влегле во графата на најсиромашни. - Тие што се најдолу на пирамидата, плаќаат најмногу за даноци, а добиваат најмалку, вели Зампини, која рече дека треба да се трансформираат системите за социјална заштита. Таа, меѓу другото, зборуваше дека треба да се посвети внимание и на понудата и на побарувачката на пазарот на трудот. Барбара Садовски, регионален експерт од Полска, говореше за социјалното претприемништво. - Социјалните претпријатија имаат клучна улога на лицата кои имаат помало ниво на едукација, потоа за оние кои се верски и етнички малцинства, како и за бегалците. Во Полска, сега со илјадниците бегалци од Украина, социјалните претпријатија ќе одиграат клучна улога. Тие имаа клучна улога и за време на пандемијата, вели Садовски. Таа посочи дека во земјава веќе има подготвено Стратегија за социјално претприемништво, но дека сè уште се работи на законското решение. ир/сп/

Остани поврзан