ЈКП „Водна кула“ од Зрновци го презема управувањето со водоводот во Видовиште
- Јавното комунално претпријатие „Водна кула“ од Зрновци во иднина ќе стопанисува и ќе го одржува јавниот водовод во Видовиште, со што треба да се надминат проблемите со водоснабдувањето на жит
Кочани, 12 февруари 2022 (МИА) – Јавното комунално претпријатие „Водна кула“ од Зрновци во иднина ќе стопанисува и ќе го одржува јавниот водовод во Видовиште, со што треба да се надминат проблемите со водоснабдувањето на жителите од ова населено место.
На работна средба меѓу претставници од Месната заедница - Видовиште и од Општина Зрновци е договорено водоводот да се преотстапи на локалната самоуправа, а потоа со одлука на општинскиот Совет да се даде на управување на комуналното претпријатие.
- Наша цел е да почнеме со соодветно третирање на водата за пиење, до постигнување квалитет што е во согласност со законските одредби за бактериолошка, физичка и хемиска исправност. Исто така, ќе се преземат и инвестиции во нови објекти поврзани со водоводот. Тоа значи доградба на каскада и чистење на постоечкиот зафат, изградба на нов резервоар, чистење на таложникот и промена на постојните со дигитални водомери. Обврска на комуналното претпријатие ќе биде навремено да ги отстранува технички дефекти и да обезбеди канализирање на одливот на вода, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
На средбата со жители на Видовиште е договорено да продолжи подготовката на проектна документација за изградба на пречистителна станица за отпадни води од фекалната канализација.
Општина Зрновци во текот на оваа година планира да асфалтира нов локален патен правец, како и да се преасвалтираат двете главни улици во селото. та/цр