• сабота, 18 јануари 2025

Ѓорѓиевски: Арсовска да ги внесе приоритетите на скопските општини во Буџетот за 2025 година

Ѓорѓиевски: Арсовска да ги внесе приоритетите на скопските општини во Буџетот за 2025 година

Скопје, 18 декември 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, заедно со останатите градоначалници од скопските општини, денес учествувал на координативна средба со претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски.

Како што е наведено во соопштението од Општина Кисела Вода, на средбата не присуствувала градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.

-Средбата беше свикана во контекст на подготовката на буџетот за 2025 година, чија содржина, се крие не само од Советот на Град Скопје, туку и од сите граѓани. Градоначалниците на општините во Скопје се договорија до петок да достават приоритетни проекти за вклучување во буџетот за 2025 година, иако истиот не е транспарентно презентиран и Советот не е вклучен во неговото изготвување. Побараа поголема координација меѓу градските и општинските служби, за реализација на проекти од значење за граѓаните, се додава во соопштението.

На средбата било укажано дека немањето комуникација и транспарентност од страна на Градот создава хаос што ги засега сите жители на главниот град.

-Денес, заедно со колегите градоначалници од скопските општини го посетивме градот Скопје, односно претседателот на Советот Трајко Славевски за да го разгледаме предлог - буџетот за 2025 година и она што е план да се работи во годината што е пред нас. Арсовска да не се крие и да ги внесе приоритетите на скопјани во Буџетот за 2025, изјавил градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој информирал дека побарале и поголема меѓуопштинска соработка, за општините да можат да реализираат проекти на простор каде што надлежен е градот.

-Немањето координација од страна на градот е сериозен проблем кој ги засега сите скопјани. Единствено позитивно е што за седум месеци од сега, Скопје ќе биде спасено од овој хаос кој му се случува. Скопје повторно ќе биде горд град, посочил градоначалникот Ѓорѓиевски. дма/нд/

Фото: Општина Кисела Вода

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан