• среда, 25 декември 2024

Шунтаро Таникава добитник на „Златен венец“, Џерардо Мазучо на наградата „Мостови на Струга“

Шунтаро Таникава добитник на „Златен венец“, Џерардо Мазучо на наградата „Мостови на Струга“
Скопје, 21 март 2022 (МИА) - Шунтаро Таникава, поет од Јапонија, е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2022 година, а наградата „Мостови на Струга“ годинава ја освои италијанскиот поет Џерардо Мазучо. -Шунтаро Таникава е најзначајниот жив јапонски поет, чија поезија суверено патува не само низ возбудливите води на јазикот, туку и во нивната креативна прпеобразба во музика, филм, слика или калиграфско писмо, се наведува во образложението на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Како што посочи претседателката на Управниот одбор на манифестацијата, Елизабета Шелева при денешното прогласување на лауреатите во МАНУ, Таникава е најпродуктивниот, најчитаниот, највлијателниот, најпознатиот и најиновативен поет од Јапонија, но не само меѓу живите поети, туку и пошироко, чии што дела се преведени на многу јазици во светот. Таникава е автор е на 80 поетски збирки, за кои има добиено бројни книжевни признанија не само во Јапонија, туку и во странство. Неговите дела се појавуваат не само во угледни книжевни списанија, туку и во школските учебници по медиумите и пошироко. Шунтаро се јавува и како автор исто така на драмски текстови, на филмски сценарија, тој е плоден есеист, самиот е преведувач, но и автор на литература за деца. Добитник е на низа престижни награди. -Како неговите современици, така и Таникава верува дека традиционалната јапонска поезија е заробена во сенката на историската оспеднатост со минаттот, дека традиционалната јапонска култура се разградува од вербата во сопствената моќ, но затоа и се насочил токму кон западната поезија и култура, додаде Шелева. Во своето поздравно обраќање, Шунтаро се заблагодари за почитта кон поезијата, и верува дека таа ќе послужи како „гласник која ги пренесува гласовите скриени во остареното тело“. -Дали само јас чувствувам некаква самотија штом добијам награда или одликување? Невообичаено е чувството да се биде избран од мноштвото поети и заедно со радоста и гордоста кои ги чувствувам, бидејќи сум избран за добитник, се чувствувам и уважено меѓу моите колеги поети. Но, кога се присетувам на покојниот Макото Ока, мојот близок пријател и добитникот на оваа награда во 1996 година, самотијата ми исчезнува и неа ја заменува љубовта кон моите колеги поети и кон оние кои копнеат да постанат поети. Иако живееме во различни времиња, во различни околности и со различни мајчини јазици во ова немирно доба на нашата ранлива земја, оваа љубов постојано расте, се вели во обраќањето на Шунтаро. Наградата „Мостови на Струга“ годинава ја доби италијанскиот поет Џерардо Мазучо. Наградата е востановена во 2004 година, а годинава се доделува по 19-ти пат. Мазучо е роден на југот од Италија, во 1991 година. Откако ги завршил класичните студии, се преселил во Милано во 2010 година, каде што дипломирал авторски права а потоа и издаваштво на Универзитетот во Бокони. Во 2020 ја основал и издавачката куча „Утопија“, која е насочена кон книжевна фикција, поезија и белетристика. -Мазаучо е длабоко упатен во тајните на поетската вокација, а тоа најдобро се гледа токму од неговата поезија, која е спој на несомнена дарба и префинета вештина. Се добива чувтсво дека во неговите песни секој стих е токму на вистинското место. Иако е млад поет, неговата поезија е веќе дел на антологии, списанија, посебни веб страници, некомерцијални памфлети, рече во своето обраќање членот на Управниот одбор на манифестацијата, Владимир Мартиновски. Првата книга на Мазучо, за која ја и добива наградата „Мостови на Струга“ е стихозбирката  „Еден човек живеел тука“ и е книга со која тој стекнува критички и комеријцален успех, не само на национално, туку и на меѓународно ниво. По прогласувањето на лауреатите, во просториите на МАНУ денеска Македонскиот ПЕН центар и Друштвото на писатели на Македонија, по повод Светскиот ден на поезијата организираа поетско читање. Со свои стихови настапија Влада Урошевиќ, Катица Ќулафкова, Димитар Башевски, Виолета Танчева-Златева, Веле Смилевски, Дeлвина Крлуку, Зоран Анчевски, Иван Џепароски, Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски, Јовица Ивановски, Сузана В. Спасовска, Тихомир Јанчовски и Никола Маџиров, кој оваа година имаше чест да биде автор на традиционалното поетско послание од името на македонските поети. Во духот на повик за мир во светот, беа прочитани и стихови од неколкумина украински поети.бт/ки/

Остани поврзан