• среда, 27 ноември 2024

Шукова: Работиме на градење на капацитети за успешен преговарачки процес со ЕУ

Шукова: Работиме на градење на капацитети за успешен преговарачки процес со ЕУ

Скопје, 10 март 2023 (МИА) - Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и шведската амбасадорката во земјава Ами Ларсон Џаин свечено доделија сертификати на првата група посетители на курсот за пристапно членство во Унијата во областа на животната средина на ЕУ Академијата за животна средина.

Како што соопшти МЖСПП, курсот, на кој покрај од земјава, присуствуваа и претставници и од Србија, Босна, Косово, Албанија и Црна Гора, беше поделен на три модули дизајнирани да го опфатат целокупното законодавство на ЕУ, со посебен осврт на Поглавјето 27 - Животна средина и Климатска акција. Првата група на курсисти од земјава главно ја сочинуваа претставници на државната администрација.

Министерката Шукова во обраќањето на свеченоста нагласи дека инвестирањето во административни капацитети на овој начин, преку ЕУ Академијата за животна средина, претставува значајна поддршка во преговарачкиот процес во областа на животната средина, бидејќи создавањето на добро обучен кадар во институциите и нивно вклучување во идниот преговарачки процес ќе даде резултати.

- Дополнително, мора да се нагласи дека учеството во Академијата на претставници од различни земји од регионот, во иднина ќе овозможи поврзување и размена на искуства на регионално ниво и ќе придонесе за зголемување на соработката во областа на животната средина во преговарачкиот процес, истакна Шукова.

Во периодот од април до декември 2023 година ќе се одржи втората по ред ЕУ Академија за животна средина, на која ќе може да се пријават претставници од невладиниот сектор.  

Настанот беше во организација на шведската Агенција за заштита на животната средина и Институтот за јавна администрација на ЕУ. сп/

Фото: МЖСПП

Остани поврзан