• сабота, 16 ноември 2024

Штетите од поплавите во БиХ проценети на 125 милиони евра

Штетите од поплавите во БиХ проценети на 125 милиони евра

Сараево, 11 ноември 2024 (МИА) - Жителите на подрачјата погодени од поплавите и одроните во Босна и Херцеговина на почетокот на октомври предупредуваат дека би можеле да се соочат со живот на отворено во текот на зимата поради бавната реконструкција на семејните домови и инфраструктурата, каде властите забележаа штети од над 125 милиони евра.

Според извештајот подготвен за Парламентот од кабинетот на претседателот на Владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Нермин Никшиќ, од поплавите беа погодени вкупно 1.148 домаќинства во Јабланица, Коњиќ, Фојница, Кисељак, Крешево и Дрвар. Штетите на овие и јавни објекти изнесуваат околу 107 милиони евра, додека во сообраќајната инфраструктура штетите се над 18 милиони евра.

Посебен проблем е прекинот на железничкиот сообраќај на подрачјето на Јабланица, поради што трпат пристаништето Плоче и стопанството во БиХ.

Според мештаните, реконструкцијата на домовите се одвива многу бавно.

Тие добиваат помош главно од домашни и меѓународни хуманитарни здруженија кои помагаат и во отстранување на последиците од поплавите.

Советот на министри на БиХ минатата недела објави дека ќе иницира процедури за активирање на механизмот на Фондот за солидарност на ЕУ, од кој би можеле да финансираат реконструкција на значителен дел од уништените семејни и јавни објекти и инфраструктура. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан