• среда, 27 ноември 2024

Шпиц во наводнувачката сезона, земјоделците бараат повеќе вода и ред при наводнувањето 

Шпиц во наводнувачката сезона, земјоделците бараат повеќе вода и ред при наводнувањето 

Кавадарци, 5 јули 2024 (МИА) - Поради високите температури, започна шпицот во наводнувачката сезона, а земјоделците бараат повеќе вода, рече денеска во изјава за МИА, Дане Јошев, претседател на регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари". 

- Според нас, проблемот е во тоа што има недостаток од вода за наводнување поради горештините и недостаток на технички кадри и недостаток на резервни делови за одржување на системите во водостопанското претпријатие. Во такви услови земјоделците се принудени да чекаат да дојде вода, да стражарат и чуваат, немој случајно некој да им ја сопре водата. Проблемот е и во тоа што тие со земјоделски имоти  од пониска зона имаат повеќе шанси да наводнуваат од тие во повисоките зони. Бидејќи сите гледаат да се снајдат за вода, точно е тоа дека поединци сами пуштаат и сопираат вентили за вода што го регулираат водоснабдувањето на одреден реон, појасни Јошев. 

Тој реагираше дека имало такви коишто се соочувале со проблеми во изминатиот период, недоволно да наводнат, а биле задолжувани за плаќање за наводнување како да имале нормално водоснабдување. Воедно се осврна и на губитокот на вода низ каналската мрежа.

Јошев се надева дека ќе се надминат проблемите со наводнувањето во Тиквешијата, како најголем регион на лозови насади и насади со праски во државата. За да не дојде, како што рече, до поголеми последици, бидејќи деновиве имало една таква ноќна расправија за вода за наводнување во кавадаречко. Случајот бил пријавен и во полиција. 

Според тоа што е пријавено во СВР Велес, на 30 јуни 2024 во ОВР Кавадарци, кавадарчанецот Г.С.(52) пријавил дека околу 22.50 часот  на место викано „Краиште“, кавадаречко, бил физички нападнат од А.„Н“. од Кавадарци. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Од подружницата ,,Тиквеш" на АД Водостопанство, рекоа за МИА дека има појава на водокорисници кои самоволно пуштаат вода, без претходна најава кај одговорните лица во подружницата во Кавадарци. свд/дма/


Фото: МИА архива

Остани поврзан