• среда, 27 ноември 2024

Шмит: Наметнување технички измени во Изборниот закон, претставува поддршка за пристапниот процес на БиХ во ЕУ

Шмит: Наметнување технички измени во Изборниот закон, претставува поддршка за пристапниот процес на БиХ во ЕУ

Сараево, 26 март 2024 (МИА) - Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, денеска воведе технички измени во Изборниот закон на Босна и Херцеговина, кои се однесуваат на интегритетот на изборниот процес.

Шмит изјави дека станува збор за „пакет за интегритет“ на изборниот процес, кој подоцна може да се допрецизира во парламентот на БиХ, нагласувајќи дека се работи за техничко подобрување на изборниот процес, кој вклучува воведување на скенирање на гласачките ливчиња и видео надзор.

Неговите одлуки вклучуваат казнени мерки за оние кои ги прекршуваат изборните правила, како и професионализација на избирачките одбори.

- Тоа е поддршка за пристапниот процес на БиХ во ЕУ. Еден од тие приоритети се измените на изборниот закон, и пред се тоа го правам за граѓаните на оваа земја, да имаат гаранции за слободни, демократски и фер избори, рече Шмит во своето обраќање до јавноста.

Тој рече дека одлуката ја носи во согласност со „бонските овластувања“ и Дејтонскиот мировен договор, нагласувајќи дека измените на Изборниот закон не содржат дискриминација кон никого.

- Со моите надлежности сум гарант за постоењето на Федерацијата Босна и Херцеговина и Република Српска и тоа е моја должност согласно Дејтонскиот договор. Морам да работам за сите нив, посочи Шмит.

Според него, станува збор за јасни меѓународни насоки, кои даваат доволно можности одговорните домашни органи да се вклучат во ова и да постигнат соодветен баланс во интерес на гласачите.

Наведувајќи дека од 2010 година се разговара за измени на Изборниот закон на БиХ, тој истакна дека до денес не е постигнат компромис по ова прашање и оти морал да интервенира во интерес на граѓаните на БиХ, за да има потранспарентни и пофер избори.

- Граѓаните кои гласаат сакаат нивниот глас да оди кај личноста на која му го дале, рече високиот претставник во БиХ.

Високиот претставник оцени дека освен претседателот на РС Милорад Додик, ќе има многу политичари кои ќе ја критикуваат неговата одлука, поради што ги повика сами да постигнат договор за изборниот закон и да го усвојат во Парламентот на БиХ.

- Домашните решенија се најдобри решенија, потенцира Шмит.

Тој најави дека неговата одлука ќе стапи во сила откако ќе биде објавена на официјалната веб-страница на ОХР.

Непосредно пред обраќањето на високиот претставник на јавноста, телевизијата Алтернатива на Бања Лука објави нацрт на Изборниот закон на Република Српска, чие усвојување го најави претседателот на РС Милорад Додик, доколку Шмит наложи измени на Изборен закон на БиХ.

За утре претпладне е закажан итен состанок на Колегиумот на Народното собрание на РС, на кој, очекувано, би можело да се закаже вонредна седница на Парламентот на РС во врска со наметнатата одлука на Шмит и усвојување на ентитатски Изборен закон. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан