Шмит ги поништи одлуките на РС за обид да се влијае врз судењето на Додик
- Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит вчера ги отфрли заклучоците усвоени од Парламентот на Република Српска во декември 2024 година, обидувајќи се на тој начин да го оспори легитимитетот на судските тела на ниво на БиХ и да го доведе во прашање продолжувањето на судењето на Милорад Додик.
Сараево, 3 јануари 2025 (МИА) - Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит вчера ги отфрли заклучоците усвоени од Парламентот на Република Српска во декември 2024 година, обидувајќи се на тој начин да го оспори легитимитетот на судските тела на ниво на БиХ и да го доведе во прашање продолжувањето на судењето на Милорад Додик.
Националното собрание на РС ги усвои заклучоците на специјалната седница одржана на 24 и 25 декември, а високиот претставник Шмит тоа го оцени како „непромислен обид да се создадат посебни правила и во исто време да се негираат принципите на Дејтонскиот договор".
Парламентот на РС тогаш го повика Додик да не учествува во продолжението на судскиот процес против него во Судот на Босна и Херцеговина, го оспори легитимитетот на високиот претставник и побара блокирање на сите одлуки донесени од Парламентот на Босна и Херцеговина додека во земјата не се воспостави „владеење на правото“.
„Секое непочитување на Дејтонскиот договор ќе ги доведе во прашање стабилноста и правниот интегритет на земјата и можноста за балансирање на политичките позиции на фер и демократски начин. Сè додека во целост не се оствари демократска интеграција во трансатлантската и европската заедница, меѓународната заедница не може да остане нема и мора да придонесе за зачувување на меѓународно договорените принципи на Дејтонскиот договор како основа на мултиетничка држава без дискриминација“, се наведува меѓудругото во одлуката на високиот претставник. рп/
Фото: МИА архива