• вторник, 24 декември 2024

Шкотска предлага да се легализира поседувањето на сите видови дрога за лична употреба

Шкотска предлага да се легализира поседувањето на сите видови дрога за лична употреба

Единбург, 7 јули 2023 (МИА) – Шкотска денеска ги претстави плановите за декриминализирање на поседувањето на сите видови дроги за лична употреба, истакнувајќи оти тоа би можело да и помогне во намалување на највисоката стапка на смртност поврзана со дрога во Европа.

Од регионалната Влада во Единбург наведоа дека мерката треба да ја спроведе британската Влада во Лондон, која според политичкиот систем одлучува за прашања како регулација на дрогите.

Шкотска верува дека овој потег ќе им овозможи на зависниците да не се гледаат како на криминалци, туку како на луѓе на кои им е потребна помош, вклучително и наоѓање работа.

- Знаеме дека овие предлози ќе бидат контроверзни, но тие се во согласност со нашето разбирање за јавното здравје и нашата национална мисија да спасиме животи, посочи шкотската министерка за политика за дроги Елена Витам.

Додека портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак истакна дека ја отфрли можноста за декриминализација.

Шкотска во 2020 година со 327 смртни случаи на милион жители, имаше највисока стапка на смртност поврзана со дрога во Европа, а втора беше Норвешка со 85 смртни случаи на еден милион жители.

И додека наркотиците се нелегални во повеќето држави, некои земји декриминализираа различни форми за лична употреба, бидејќи експертите веруваат дека е подобро зависниците да се третираат како пациенти, а не како криминалци. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан