• вторник, 24 декември 2024

Шест курдски милитанти беа убиени во напад со дрон врз база во Сирија

Шест курдски милитанти беа убиени во напад со дрон врз база во Сирија

Бејрут, 5 февруари 2024 (МИА) - Шест припадници на курдската милиција беа убиени во напад со беспилотно летало доцна синоќа врз база во источна Сирија каде што беа стационирани американски војници, соопштија денеска Сириските демократски сили (СДФ), предводени од Курдите.

Во соопштението се обвинуваат „платениците поддржани од режимот во Дамаск“ за нападот на тренинг кампот Ал Омар во источната сириска провинција Деир ел Зур. Немаше жртви меѓу американските војници.

Организацијата поддржана од Иран наречена Исламски отпор во Ирак објави видео во кое ја презема одговорноста за нападот и покажува дека групата лансира дрон од непозната локација.

Групата претходно изврши десетици напади врз американски бази и војници стационирани во Ирак и Сирија и повика на нивно повлекување од двете земји.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Обединетото Кралство соопшти дека најмалку седум борци на СДФ биле убиени, а 18 ранети, од кои некои сериозно, во вчерашниот напад. Тие не кажаа дали меѓу жртвите има и Американци.

Нападот доаѓа откако тензиите се зголемуваат низ Блискиот Исток поради војната меѓу Израел и Хамас.

Само два дена претходно, американската војска изврши напади во Сирија и Ирак против милитантите поврзани со Иран. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан