• сабота, 23 ноември 2024

Чешките антиваксери сè поагресивни во барањата за укинување на ковид-мерките

Чешките антиваксери сè поагресивни во барањата за укинување на ковид-мерките
Прага, 31 јануари 2022 (МИА) - Чешките антиваксери, и покрај најавата за ублажување на некои мерки, освен заканите и вербалните напади врз дел од епидемиолозите, почнаа да поставуваат и бесилки под прозорците на политичарите.
Новата коалициска влада на десниот центар на премиерот Петар Фијале предложи измени на Законот за пандемија и сака да се раководи според нив во борбата против пандемијата на Ковид-19, во која во последните денови, од 10,7 милиони жители во Чешка, дневниот раст достигна 60.000 новозаразени.
Владата ги отфрли строгите мерки како што е локдаунот, ја укина обврската за вакцинација за оние над 60 години воведена од претходната влада и не сака да ја користи вонредната состојба за да се донесат мерки без образложение.
Антиваксерите, кои се претставуваат како борци за слобода и ги етикетираат епидемиолозите, лекарите и политичарите кои водат кампања за вакцинација како предавници на татковината, досега протестираа против локдаунот, вонредната состојба и поттикнувањето на вакцинацијата со тоа што некои услуги и угостителски објекти ги направија недостапни за невакцинираните.
На синоќешните демонстрации во Прага и на маршот низ центарот на градот каде се собраа околу 6.000 антиваксери, тие побараа целосно укинување на сите мерки, дури и носењето заштитна маска, посочувајќи дека на тој начин се загрозуваат човековите права и слободи.
Министерството за здравство поднесе кривичка пријава против непознат сторител.
Од почетокот на пандемијата во Чешка со коронавирус се заразиле преку три милиони жители, а починале 37.209. паг/

Остани поврзан