• недела, 18 август 2024

ЦУК: Од пожар спасено кичевско Дупјани, продолжуваме кон Галичица

ЦУК: Од пожар спасено кичевско Дупјани, продолжуваме кон Галичица

Скопје, 16 август 2024 (МИА) - Од пожар е спасено кичевското село Дупјани, благодарение на храбрите пилоти на полицискиот хеликоптер. Огнот беше на педесетина метри од куќите, информира денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. Додаде дека се работи за напуштено село со обновени куќи, во моментот на пожарот немало луѓе, а на терен се очекува да дојдат претставници од „Национални шуми“. 

- Одлучивме наместо кон Галичица, полицискиот хеликоптер „Ми 171“ во кој се наоѓав и јас, да го промени приоритетот поради загрозеност на населено место и наместо да продолжи со лет кон Галичица, слета неколку километри подалеку, покрај езерото Осломеј. Го закачи ведрото, полета, се спушти над езерото, наполни вода во 2,5 тонското ведро, во низок лет за неколку минути стигна над пламените јазици над селото и со прецизен погодок го стопира најблискиот крак од пожарот кој се закануваше на првите куќи, изјави Ангелов.

Информира дека од охридскиот аеродром хеликоптерот полни гориво, а веднаш потоа ќе полета кон Галичица, каде, како што рече, пожртвуваните полициски пилоти Стефче Ташовски и Дарко Ајтовски со поддршка на останатиот храбар и пожртвуван воздухопловен екипаж ќе продолжат да дејствуваат.

Според него, од пожарот повремено се слушаат истрели или детонации на неексплодирани минско експлозивни средства останати од војните кои се одвивале на овој простор. мд/нд/

Фото: Принтскрин 

Видео: ЦУК 

Остани поврзан