• недела, 28 јули 2024

ЦУК: Во последното деноноќие нема пожари на отворено

ЦУК: Во последното деноноќие нема пожари на отворено

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) -  Во текот на вчерашниот ден нема регистрирано пожари на отворено, информира Центрот за управување со кризи (ЦУК).

- Според искуството на пожарникарите, врнежи се малку, па ако времето пак затопли, треба да се внимава таму каде што ќе има чад, да се контролира и да се внимава и брзо да се реагира за, евентуално, појавениот мал оган да не помине во квалитетна шума, што при силен ветер се разгорува и освен што ќе гори шумата, во таков случај ќе бидат загрозени и блиските населби, села и градови, се наведува во соопштението од ЦУК.

Од ЦУК посочуваат дека голема улога за превенцијата од опасности имаа и медиумите, кои континуирано во текот на целата година ги елаборираа темите за опасностите и непогодите, а не само во сезоните кога тие се најчести.

-Медиумите така ја зголемија јавната свест за потреба од брза реакција при вакви и слични случаи што се важни за колективната, а и за индивидуалната безбедност на граѓаните, за чување на материјалната добра и природните богатства во текот на целата година, а не само во периоди додека елементарните непогоди се случуваат, информираат од ЦУК.

Оттаму апелираат итните случаи да бидат пријавувани што побрзо со кратки и прецизни информации на 112 во ЦУК во интерес на безбедноста на граѓаните, а и на материјалните и природните добра во државата.

-Просечно дневно во ЦУК на бројот за итни случаи 112 има од 1.500 до 2.000 примени повици, од коишто околу половина се реални – токму за итни случаи, а другите повици се за други работи, што не се итни случаи, а би ги оптовариле службите што треба да спасуваат во тој момент животи, Итната медицинска помош, Полицијата, пожарникарите, а и други институции при специфични итни случаи. Во ЦУК се одговора и на тие повици коишто не се за итни случаи и се пренасочуваат граѓаните согласно повикот, се наведува во соопштението.

Околу 90 отсто од реалните повици за итни случаи, како што информираат од ЦУК, се наменети за Полицијата, Итната медицинска помош и за пожарникарите.

Во Центарот за управување со кризи вообичаено, во просек, од 4 до 10 отсто од вкупните повици за итни случаи се решаваат преку Секторот за операции и координација во ЦУК со комбинирано, заедничко, ангажирање за дејствување на полицијата, пожарникарите, медицинарите, а и со ангажирање други ресурси, односно институции на локално и државно ниво според искажаните потреби од терен за решавање на пријавените итни случаи. дма/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан