• сабота, 04 јануари 2025

Црногорскиот министер за правда: Пред две години на Мартиновиќ му беше одземено нелегално оружје

Црногорскиот министер за правда: Пред две години на Мартиновиќ му беше одземено нелегално оружје

Подгорица, 2 јануари 2025 (МИА) - Министерот за правда на Црна Гора, Бојан Божовиќ, соопшти дека на 29 ноември 2022 година било конфискувано нелегално оружје од Ацо Мартиновиќ, кој вчера во Цетиње уби 12 лица.

Божовиќ во соопштението наведува и дека Мартиновиќ на 8 ноември 2024 година е осуден на тримесечна затворска казна за кривично дело недозволено поседување оружје и распрскувачки материјали, пишува Вијести.

-Неговиот бранител поднесе жалба на 18 декември 2024 година, а одлуката на Вишиот суд во Подгорица не е донесена. Според казнената евиденција тој се сметал за неосудувано лице бидејќи пресудата од 2005 година во меѓувреме била избришана поради престанок на правните последици од осудата, па во моментот на првостепената пресуда се сметаше за неосудуван, рече Божовиќ.

Соопштението го даде, како што наведе, поради „многубројни неточни информации кои дополнително ги вознемируваат граѓаните“.

-Свесни за бројните недостатоци, но пред се недоволно прецизни одредби и благи санкции кои беа пропишани за кривичното дело недозволено поседување оружје, но и поради обврската за усогласување на националното законодавство со Протоколот на ОН за оружје, во декември 2023 година донесовме измени и дополнувања на Кривичниот законик (КЗ). Во таа насока, најнапред е изменет членот 403 од Кривичниот законик на тој начин што јасно се издвојуваат дејствијата на чување и носење огнено оружје, негови делови, муниција и експлозивни материјали, најави Божовиќ.

Тој додаде дека според новиот Кривичен законик сега се заканува казна за поседување оружје од три месеци до три години, за разлика од претходната одлука, во која основната форма пропишуваше затворска казна од само три месеци.

-Дополнително, со новиот Кривичен законик предвидовме дека за нелегално носење оружје предвидена е затворска казна од една до пет години. Исто така, пропишани се потешки облици на ова кривично дело. Иако корените на ваквите трагедии, како и средствата за нивно спречување, не можат да се најдат во казнено-правните модели бидејќи се работи за длабоки психо-социјални случаи, јас ќе се залагам за најстроги можни санкции во однос на нелегалното носење оружје и други експлозивни материи, за што секако ќе се расправа и на утрешната седница на Советот за национална безбедност, заклучи Божовиќ. мс/

фото: Министерство за правда на Црна Гора

Остани поврзан