• вторник, 24 декември 2024

Црвен крст Кавадарци повика за крводарување за сложен оперативен зафат на кавадарчанец

Црвен крст Кавадарци повика за крводарување за сложен оперативен зафат на кавадарчанец
Кавадарци, 9 јануари 2021 (МИА) - Црвен крст Кавадарци денеска повика за крводарување за сложен оперативен зафат на кавадарчанец. Дарувањето крв ќе биде во понеделник во кавадаречкиот кабинет за трансфузиологија, од 9 до 13 часот. Претседателот на кавадаречкиот Црвен крст Димитар Каракулев појасни дека се бара крв за сограѓанин, голем хуманист, кој другата недела ќе има сложена операција во една од приватните скопски болници. За него се потребни вкупно 8 крвни единици 0+ крвна група, првично 3, а за неколку дена уште 5 крвни единици за втор оперативен зафат. - Измината 2020 година од предвидените 1184 крвни единици,  што е годишен план за крводарителство за Кавадарци и Росоман, ја завршивме со рекордни 2088 реализирани крвни единици. Тоа е резултат на одличната соработка и организација на Црвен крст Кавадарци со Институтот  за трансфузиона медицина, огромната хуманост на крводарителите од Кавадарци и Росоман, државните и приватните институции и компании, здруженија на граѓани, локалните самоуправи. Почит за сите крводарители и нивната хуманост, бидејќи хуманоста спасува живот, нагласи Каракулев. Тој рече дека верува оти кавадарчани и росоманци повторно ќе ја докажат својата хуманост како и многу пати досега.свд/фф/

Остани поврзан