• среда, 25 декември 2024

Ципрас: ЕУ активно да го поддржи Договорот од Преспа

Ципрас: ЕУ активно да го поддржи Договорот од Преспа
Атина, 28 август 2021 (МИА) – ЕУ мора активно да го поддржи Договорот од Преспа, мора да стори сé што е потребно за да се одржат Меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија, како и да се постигне напредок во преговорите Белград- Приштина, порача лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас на свечената манифестација во Мунстер, Сојузна Германија, за време на доделувањето на Меѓународната награда за мир на Вестфалија. Поранешниот грчки премиер, говорејќи за Договорот од Преспа рече дека е модел за решавање на разликите, на мирен начин, заштитувајќи ги националните интереси и градење на доверба во најтешки времиња, но и дека „најважната награда е дека фактот што нашите народи сега може да соработуваат и може во иднина да инвестираат во мир, стабилност и соработка во регионот“. Истакна дека историски гледано, „Балканот беше тежок регион за промовирање мир“, а целта на решението беше да развие длабоки корени во совеста на нашите народи и односите меѓу нашите земји. -Сакавме договор под ОН што ќе трае, а не да се распадне при првата тешкотија. Договор што не само што ќе ги реши разликите меѓу нас, туку ќе не поврзе во ново стратешко партнерство со цел да се соочиме со предизвиците и заедно да ги искористиме можностите, рече Ципрас. Објасни дека „ова не беше лесно“ во време кога и двете земји беа во економска криза, се соочуваа со мигрантското прашање, во време кога беше замрзнат процесот на проширување на ЕУ, во време кога САД се оддалечуваа од мултилатералната дипломатија, но и во време кога националистичките сили беа силни и во двете земји и во остатокот на Европа. -Народот на Грција и Северна Македонија докажаа дека заедничките проблеми можат да се решат мирно и врз основа на меѓународното право. Дури и во најтешкиот момент. Можат да се решат ако имаме отворен ум, ја имаме неопходната политичка волја и говориме врз основа на взаемното почитување. Докажавме дека Европа може да биде катализатор за мир и стабилност наместо да чека другите да го преземат водството , или да континуирано да одложува или да дава изјави што не значат ништо за животот на луѓето. Денес оваа порака е уште поважна отколку што беше во 2018 и 2019 година, порача Ципрас. Лидерот на СИРИЗА се осврна и на пандемијата, како и на случувањата во Авганистан за кои рече дека треба да бидат лекција не може да се вратиме на економските и геостратешките модели од последните 40 год. -Кога станува збор за регионалните разлики, најјасниот тест е во самата Европа: Западен Балкан, кипарското прашање и Источен Медитеран. ЕУ мора активно да го поддржи Договорот од Преспа. Мора да стори сé што е потребно за да се одржат Меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија, како и да се постигне напредок во преговорите Белград- Приштина. И ЕУ мора да и даде јасна порака на Турција дека единственото можно решение за кипарското прашање е обединување на островот врз основа на резолуциите на Советот за безбедност на ОН, истакна поранешниот грчки премиер. ср/мч/

Остани поврзан