• сабота, 23 ноември 2024

Христодулидис: Неформалната трилатерална средба е позитивна разврска, нашата цел е продолжување на разговорите во кипарското прашање

Христодулидис: Неформалната трилатерална средба е позитивна разврска, нашата цел е продолжување на разговорите во кипарското прашање

Никозија, 3 октомври 2024 (МИА) – Со апсолутна сериозност ќе присуствуваме на вечерата со генералниот секретар на Обединетите нации и лидерот на кипарските Турци и ќе направиме сè што е можно за да постојат позитивни резултати, изјави претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис во однос на трилатерална неформална средба што на 15 октомври ќе се одржи во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина.

Неформалниот состанок, што се споменуваше во изминатиот период, го потврдија и од кипарската Влада и од кабинетот на претседателот на самопрогласената Турска Република Северен Кипар.

Христодулидис денеска посочи дека главната цел на дискусијата е „да се види дали има перспектива за одново започнување на разговорите“, односно продолжување онаму каде што беа прекинати во Кран Монтана во 2017 година.

-Сметам дека иницијативата на генералниот секретар е особено важна. Тоа беше нешто кон што се стремевме подолго време. Се фокусираме за да постои резултат, кој за нас е една цел, продолжување на разговорите врз основа на договорената рамка и од каде што застанавме во Кран Монтана. Очекуваме да видиме, се подготвуваме за средбата, тоа е позитивна разврска, истакна Христодулидис.

На новинарско прашање дали гледа промена на позицијата од страна на кипарските Турци, рече дека е позитивно што ќе се одржи неформалната вечера, но посочи дека во овој момент се фокусира на дискусија и повика да се почекаат резултатите.

Во однос на ситуацијата во поширокиот регион рече дека „случувањата се загрижувачки“, објасни дека Кипар одржува пријателски односи со сите соседи, и е „државата која ја претставува Европската Унија во регионот“.

Посочи дека следната недела Кипар ќе биде домаќин на важен состанок на групата МЕД9, на кој ќе присуствува и претседателката на Европската Комисија, а го покани и кралот на Јордан. ср/сд/

Остани поврзан