• вторник, 24 декември 2024

ХРВ: Бајден треба да ја зајакне заштитата на човековите права во САД и во светот

ХРВ: Бајден треба да ја зајакне заштитата на човековите права во САД и во светот
Њујорк, 13 јануари 2021 (МИА) - Избраниот претседател на САД, Џо Бајден треба да соработува со лидерите на другите држави кои тежнеат кон заштита на човековите права ширум светот и тоа прашање да го зацементира во американската политика, за да обезбеди неговите наследници да го следат истиот курс, наведува меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) во Извештајот за 2021 година. Извршниот директор на ХРВ, Кенер Рот во уводниот дел на Извештајот истакнува дека администрацијата на Бајден е можност за фундаменатлна промена по прашањето за човековите права во светот „по четири години незаинтересираност, а често и непријателски став кон човековите права од (американскиот претседател во заминување Доналд) Трамп, вклучително и неговото неодамнешно поттикнување на напад врз демократските процеси во Конгресот на САД“. - Непочитувањето на човековите права во САД од страна на Трамп и неговата поддршка за пријателските автократи во светот тешко го нарушија кредибилитетот на САД во странство. Американските осуди за Венецуела, Куба или Иран не беа искрени со паралелните пофалби за Русија, Египет, Саудиска Арабија или Израел, посочи Рот. Тој додаде дека другите влади ги препознале човековите права како важно прашање, дури и кога САД во голема мера се откажаа од нивна заштита, а моќните актери, како Кина и Русија настојуваа да го поткопаат глобалниот систем на човекови права. Рот истакнува дека настанале нови коалиции за заштита на човековите права, наведувајќи го дејствувањето на јужноамериканските влада и Канада против Венецуела, инсистирањето на Организацијата за исламска соработка за заштита на Рохинџите во Мјанмар, активностите на голем број европски држави кон Белорусија, Саудиска Арабија, Сирија, Либија, Унгарија и Полска, како и се поголемата коалиција од држави подготвени да го осудат прогонот на муслиманските малцинства во Кина. - Претходните четири години покажаа дека Вашингтон е важен, но не и незаменлив лидер во областа на човековите права. Голем број влади повлекувањето на Трамп го видоа како причина за одлучност отколку како очај и се ангажираа да ги заштитат човековите права, посочи Рот. Тој наведе дека Бајден, кој ја презема должноста на 20 јануари, треба да заговара почитување на човековите права во САД додека работи на проширување на здравствената заштита, искоренувањето на системскиот расизам, сиромаштијата и гладта, борбата против климатските промени и ставање крај на дискриминацијата на жените и припадниците на ЛГБТ заедницата. - Бајден не може да гарантира дека идната американска администрација во текот на четири или осум години нема да направи нов пресврт по прашањето за човековите права, но може да преземе чекори за отежнување на тоа, посочи Рот Извршниот директор на ХРВ предлага и Бајден да овозможи кривична истрага против Трамп, за да покаже дека никој не е над начелото – владеење на правото. Тој исто така предлага Бајден да ја ограничи воената помош или продажба на оружје на пријателските влади кои ги кршат човековите права, како што се Саудиска Арабија, Египет, Обединети Арапски Емирати и Израел, се додека не се подобри нивниот однос кон човековите права. А, исто така да ги осуди Индија и Кина за поттикнување на дискриминацијата и насилството кон муслиманите. ми/

Тагови

Остани поврзан