Хипер: Со соработката со Пјонгјанг, Москва покажува дека не е заинтересирана за мир
- Заробувањето на севернокорејски војници во Украина од страна на украинските сили е само уште еден факт дека Русија ја продлабочува воената соработка со Северна Кореја и е многу јасна порака дека таа е неискрена во најавите за какви било преговори и дека не е заинтересирана за мир, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
Брисел, 14 јануари 2025 (МИА) – Заробувањето на севернокорејски војници во Украина од страна на украинските сили е само уште еден факт дека Русија ја продлабочува воената соработка со Северна Кореја и е многу јасна порака дека таа е неискрена во најавите за какви било преговори и дека не е заинтересирана за мир, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
- Напротив, Русите очајно бараат помош за своите нелегални активности, вклучително и од актери кои долгорочно сериозно ги нарушуваат глобалниот мир и безбедност, изјави Хипер.
Според неа, ваквата соработка меѓу Москва и Пјонгјанг не само што резултира со страдање на украинскиот народ, туку претставува и закана на безбедноста на Европа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата објави фотографии од двајца заробени војници, кои, според него, се Севернокорејци вклучени во борбите на руските сили во Украина. Тој информира дека е подготвен заробените севернокорејски војници да му ги предаде на Пјонгјанг во замена за ослободување на украински воени затвореници во Русија.
- Оние севернокорејски војници кои не сакаат да се вратат, може да имаат други достапни опции, наведе Зеленски во објава на Икс.
Службата за безбедност на Украина (СБУ) соопшти дека еден од двајцата војници, кој поседувал руска воена лична карта на име на друго лице, изјавил дека мислел оти оди во Русија „на обука, а не за да се бори“. сп/
Фото: Скриншот