• четврток, 26 декември 2024

Хелсиншки комитет: Фемицидите се производ на молкот на општеството и недовербата во институциите

Хелсиншки комитет: Фемицидите се производ на молкот на општеството и недовербата во институциите
Скопје, 8 август 2022 (МИА) - Фемицидот на 46-годишната жена од Неготино ја дополнува поразителната статистика според која повеќе од 80 отсто од жртвите во земјава претходно не пријавиле насилство во надлежните институции. Непријавувањето на насилството и несоодветното постапување на институциите во случаи со семејно и родово базирано насилство директно ја зголемуваат веројатноста насилството да кулминира со убиство, се вели во денешното соопштение од Хелсиншкиот комитет. Фемицидот, како една од најчестите причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво, се додава во соопштението, во најголем број случаи е предизвикан од страна на лице со кое жртвата е или била во партнерски однос, како и во случајот на неготинчанката, која почина откако нејзиниот партнер брутално ја претепал. -Високиот степен на недоверба во постапувањето на надлежните институции, вклучително и полицијата, центрите за социјална работа и правосудството, значително влијае граѓаните да бидат демотивирани да го пријават насилството. На тоа се надоврзува ниската свест кај граѓаните дека секој има обврска да пријави насилство, а притоа доминантниот став е дека пријавување насилство од позиција на трето лице претставува мешање во туѓиот живот, стои во соопштението од Хелсиншкиот комитет во кое се пренесува реакцијата на Платформата за родова еднаквост по ова прашање. И покрај тоа што новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство беше донесен пред повеќе од една година, се нагласува, се уште не се усвоени сите подзаконски акти и оперативни процедури неопходни за негова успешна имплементација. Фемицидот сѐ уште не е препознаен како посебно кривично дело во нашиот Кривичен законик, како потежок облик на убиство кога е сторено при вршење на семејно насилство. Сепак, се вели во соопштението, најголем проблем не е легислативата, која последниве години се усогласува со меѓународните стандарди, туку нејзината несоодветна имплементација од страна на надлежните институции. -Секоја трагична смрт на жена само зашто е жена нѐ остава со горчливото сознание дека сите напори на граѓанскиот сектор за справување со овој проблем (подигнување на свеста, поддршка за жртвите на насилство и застапување за системски промени) се едноставно недоволни ако не се придружени со поширока институционална и општествена акција. Семејното и родово базираното насилство не е приватна работа. Очекуваме дека институциите соодветно ќе ја завршат својата работа во однос на понатамошното постапување по случајот, меѓутоа она на што укажува овој и бројни други случаи е потребата институциите да започнат да работат и во рамки на својата превентивна улога за заштита од родово базирано насилство, со цел овие случаи да немаат вакви фатални завршници, се нагласува во соопштението од Хелсиншкиот комитет. сст/дма/  

Остани поврзан